Ако не можеш да направиш големи работи, прави мали работи на голем начин

По два мандата како декан, и претходно уште една мандат како продекан за финасии, проф. д-р Ратко Дуев прави една ретроспектива на изминатите 11 години, на големите успеси, но и на предизвиците и нештата што не успеал да ги заврши

Две децении повторувам дека образованието е столбот на секоја држава, нејзино огледало за севкупната состојба во која се наоѓа општеството. Ние сме држава со најголем број закони за високото образование и со најголем број донесени стратегии за образованието. И постојано талкаме по вистинскиот начин како да ги решиме наталожените проблеми. За образованието неопходен е национален и натпартиски консензус, негова деполитизација, за првите позитивни резултати да ги почувствуваме по 10 години, вели проф. д-р Ратко Дуев кој ги поминува последните денови како декан на Филозофскиот факултет во Скопје. По два мандата како декан, и претходно уште една мандат како продекан за финасии, Дуев прави една ретроспектива на изминатите 11 години, на големите успеси, но и на предизвиците и нештата што не успеал да ги заврши. Каде ќе продолжи по 11 години административна работа и на што ќе се насочи кога функцијата ќе му ја предате на својот наследник, проф. д-р Оливер Бакрески.

Проф. д-р Ратко Дуев

Во пресрет на уписите во академската 2024/25 година, што ќе им понуди Филозофскиот факултет од Скопје на матурантите и сите останати што планираат да го продолжат своето образование? И зошто еден млад човек денес да го избере овој факултет за студирање?

– Филозофскиот факултет нуди бројни предности и уникатните можности за студентите. Една од најголемите предности е нашиот модерен и интерактивен пристап кон образованието. Ние ги користиме најновите технологии и методи на предавање за да обезбедиме динамично и ангажирано учење. Студентите имаат пристап до дигитални ресурси, интерактивни предавања и платформи за е-учење кои го олеснуваат учењето и овозможуваат постојана комуникација со професорите и колегите. Покрај тоа, нашиот факултет организира бројни летни школи, студентски конференции и работилници кои им овозможуваат на студентите да стекнат дополнителни знаења и вештини во своите области на интерес. Овие програми се одлична можност за студентите да учат од врвни експерти, да учествуваат во истражувачки проекти и да се вмрежуваат со професионалци од различни области.

Прв академски час на Филозофски факултет

Практичната настава е уште еден клучен аспект на нашето образование. Студентите можат да учествуваат како практиканти, на теренски истражувања и реални проекти кои им овозможуваат да ги применат теоретските знаења во пракса. Ова искуство е непроценливо за нивниот професионален развој и ги подготвува за предизвиците на работниот свет. На Филозофскиот факултет се стремиме да ги развиваме нашите студенти во комплетни личности со широки хоризонти. Нивното образование не се сведува само на академски знаења, туку и на развој на критичко размислување, аналитички вештини и етичка свест. Нашите студенти се подготвени да бидат лидери и иноватори, способни да се соочат со комплексните предизвици на современиот свет.

За жал како самостојна институција не можеме сами да ги решиме проблемите кои во последните две децении доведоа до пад на наталитетот и до масовна миграција на населението во развиените земји. Грешните политики во високото образование со отворање на нови универзитети и дисперзирани студии без да се направи анализа на демографските трендови во нашата земја, безвизниот режим за нашите граѓани од 2006 година, стареењето на европските држави, потребата од работна сила во развиените земји, доведоа до една состојба да се распишуваат конкурси за 27.000 слободни места на универзитетите за 15.000 матуранти од кои нормално, сите не продолжуваат на студии. Падот на бројот на студенти е неминовен процес, но сепак, со околу 500 студенти запишани на сите три циклуси и вкупниот број на студенти во сите 4 години, околу 2.000 студенти, долги години сме на 4 место како избор за студирање во нашата земја (по ФИНКИ, Медицинскиот факултет и Економскиот факултет при УКИМ).

Филозофскиот факултет е комплексна образовна институција со многу различни единици – од одбрана, до класични студии. За некои од нив со години има многу мал интерес. Колку младите денес се свесни за пошироката слика, дека избраниот факултет што ќе го студираат воопштo не ги заковува за одредено работно место или професија?

– Живееме во свет во кој брзината на развојот на општествата го оневозможува високото образование постојано да биде во чекор со промените што ги носи новото време. Денес високото образование е глобален процес. Затоа насекаде во светот голем акцент се става на доживотното учење, можноста за стекнување дополнителни вештини и знаење во текот на животот на секој човек за потребите на пазарот на трудот. И во најразвиените земји како Велика Британија дури 50 отсто од дипломираните студенти не работат според својата струка. Она што е важно за универзитетите е да создадат кадри кои ќе имаат знаења, вештини и компетенции, што ќе им овозможи да бидат корисни како работници на одредено работно место, да бидат вработливи, а со понатамошни обуки, специјализации и слично да се оспособат за извршување на нови работни задачи наметнати од брзиот развој на општеството и науката.

Затоа е мошне значајно да се следат афинитетите на секој матурант и неговиот избор да студира да биде на студиска програма на која ќе покаже најдобри резултати во учењето. Од моето долгогодишно искуство, таквите студенти покажале најголеми резултати во понатамошните нивни животи и на личен и професионален план. Доколку ги следат моменталните трендови и студираат за професии за кои немаат афинитети и предзнаења, најчесто се случува да го напуштаат студирањето по првите две години.

Кампањата „Избери стручно – избери паметно“ во последните 5-6 години имаше ефект, особено во Скопје. Се намали нелогичниот притисок, особено во одредени гимназии. Каква кампања на државата може да помогне во општествените науки? Дека не постои ексклузивно општество во кое живеат само информатички инженери?

– Долг е патот на создавање на стручен кадар. Потребни се градинки, училишта, со еден збор потребни се општествени работници, воспитувачи, учители, наставници. Потребна е анализа на општествените услови, на девијациите, потребна е помош на сè поголемиот број лица со посебни потреби, чување на менталното здравје особено на младите, потребни се образовни стратегии итн. Со еден збор, напредокот на „најплатените професии“ се базира врз напредокот на општествените професии, на обезбедување на услови во секое општество кои ќе овозможат непречен развој и создавање на информатичари, инженери, дизјанери и сл. Ако нема потреба од општествените и хуманистичките професии, тогаш нема да постои ниту општеството, ниту човекот во него.

Студиска посета на Универзитетот во Солун

При моите престои на универзитетите во развиените земји, забележав дека успешноста се должи во совршеното функционирање на триаголникот високо образование – држава – заедница. Сите ние сме заедница во која мора да има и општествена одговорност кон заедничките институции и заедничката држава. Мора да разбереме дека државата е апстракција, таа не е стока или предмет, а граѓаните во неа, законите и институциите кои сами сме ги востановиле, се државата Македонија. Таткото на современите економски науки е британскиот филозоф Адам Смит (16 јуни 1723-17 јули 1790 г.), кој верува дека економскиот напредок и богатењето на поединци неминовно мора да ги следи и правилна социјална политика за благосостојбата на целата заедница, дека мора да се работи на вистинските проблеми во државата: заштита на договорните дела и патентите, државно образование за сиромашните и создавање на што е можно повеќе инфраструктурни проекти (патишта, мостови, тунели и сл..), борба против сиромаштијата, заштита на ранливите групи граѓани… Бидејќи во спротивно, нерамноправноста лесно доведува до немири, востанија, декаденција и губење на развојот и економскиот раст. Не случајно и во најразвиените економии во светот не постои универзитет на кој не се изучуваат општествени и хуманистички науки.

Се смени власта, се најавуваат законски промени во високото образование – едно болно прашање кое се отвора на секои 5-6 години и секогаш се затвора со пропусти. Посочете пет основни темели на кои треба да почива еден здрав високообразовен систем.

– Веќе две децении постојано повторувам дека образованието е столбот на секоја држава, нејзино огледало за севкупната состојба во која се наоѓа општеството. Латинскиот збор „educatio“, aнг. „education“ во словенските јазици се преведува како „образование и воспитание“. За жал во нашата болна и долга транзиција, која трае три децении, ние го отфрливме воспитанието. Тоа доведе до губење на општествената одговорност, а тоа пак доведе до нарушени меѓучовечки односи, губење на културата на живење, вредностите и уметностите, популизам и неукост во политиката и масовна корупција, што пак доведоа до масовна миграција на населението во развиените земји, губење на човечкиот ресурс за стопанството, немање зголемен економски развој. Тоа се сериозни закани за иднината на нашата држава. Во нашата држава веќе нема „воспитно-образовни институции“ туку само „образовни институции“.

Ние сме држава со најголем број донесени закони и измени на законите за високото образование и со најголем број донесени стратегии за образованието. Различните, а понекогаш и целосно спротивставените концепции, укажуваат дека ние талкаме по вистинскиот начин како да ги решиме наталожените проблеми, за жал, предизвикани од сите овие „закони, стратегии и концепти“ за кои се потрошени многу народни пари и странски донации. Многу пати потенцирав дека за образованието потребно е да се направи национален и натпартиски консензус, негова деполитизација, да седнат сите релевантни фактори, да се усвои стратегија и акционен план за наредните години што нема да зависат од промените на власта и министрите за образование и наука, за првите позитивни резултати да ги почувствуваме по 10 години.

Најважни столбови за современ високообразовен систем се: обезбедување квалитетот, интернационализација и пристап до глобалниот пазар на знаење, студентски стандард и стипендии, општествена одговорност и инвестиција во наука.

1. Квалитетот е основна задача на универзитетите, да достигнат висок стандард на квалитет и совршеност во наставата преку современи студиски програми, промовирање на критичко размислување, поттикнување интелектуална љубопитност и вреднување на знаењата и вештините кои ги стекнуваат студентите. 2. Интернационализација и пристап до глобалниот пазар на знаење е основа на новото време, со прифаќање на Болоњската декларација и ние сме дел од глобалното образование. Во време на масовни миграции и растечки мултикултурализам се наметнува потребата од адаптирање на студиските програми со програмите на другите светски универзитети и акредитирање на програми на англиски јазик со што ќе се овозможи поголема мобилност на професорите и студентите, што е и примарна цел на европскиот кредит и трансфер систем.

Студентски спортски игри

3. Подигнување на студентскиот стандард и стипендирањето на талентираните студенти е клучен за развојот на секоја држава. Тоа подразбира обезбедување еднакви можности за младите од различно потекло да имаат пристап до високото образование и рушење на бариерите поврзани со социо-економскиот статус, расата, полот, попреченоста и други фактори. Овој столб обезбедува образованието да е достапно до сите. 4. Општествена одговорност е клучна за благосостојбата на државата. Демократијата значи одговорност на секој поединец кон чување на општото добро, а одговорноста развива чувство на припадност кон институција, заедница и држава. Високообразовните институции играат клучна улога во општеството, а овој столб ја нагласува нивната одговорност за активно вклучување во заедницата. Тоа вклучува поттикнување на граѓанската одговорност, справување со општествените предизвици преку истражување и промовирање на вредностите со што се придонесува за општествениот, културниот и економскиот развој на заедницата. 5. Науката е основа на високото образование. Високообразовните институции придонесуваат за унапредување на знаењата преку истражување, научни активности и ширење на резултатите од истражувањата на нови идеи и иновации.

Студиска посета на Бар Илан Универзитетот во Израел

За жал нашата држава е на дното според средствата кои ги издвојува од буџетот за наука. Науката е основа за развој на секоја држава. Земја како Израел, која нема основни природни ресурси како вода и плодна земја, стана една од најразвиените земји во светот, потпирајќи се на функционирање на триаголникот високо образование – држава – заедница и огромни инвестиции во науката. Од камена пустина создаваат плодна земја и од морска вода праваат питка вода која ја продаваат во регионот, а и се водечки во многу технички и медицински науки во светот. Инвестициите во науката и се враќаат многукратно на секоја држава. Така на пример, поради пандемијата и војната во Украина, кои доведоа до голема економска криза и инфлација во Европа, голем број развиени европски држави западнаа во рецесија, но не и Данска чија економија беше спасена од научен пронајдок на два лека за слабеење и дијабет, патентиран од фирмата „Ново Нордиск“, највредната европска компанија, со пазарна капитализација од повеќе од 570 милијарди долари – поголема од целата данска економија (многукратно и од македонската економија), а без овој научен пронајдок и данската економија ќе западеше во стагнација.

Ова се последни уписи во Вашата двомандатна раководна кариера на Филозофскиoт факултет, и претходно еден мандат како продекан за финансии. Што сметате за свој најголем успех во водењето на Факултетот, што можеше подобро, а од што не сте воопшто задоволен?

– Како човек, научник и професор секогаш при својата работа ги барав проблемите за да се сосредоточам на нивното решение, бидејќи од своето животно искуство научив дека секој нерешен проблем создава илјадници и илјадници нови проблеми. Затоа настојував да се посветам на своите обврски, да ги решавам проблемите најдобро што знам и со тоа да дадам пример на моите студенти и на пошироката јавност дека со работа и посветеност може и во оваа наша земја да се создава и да се чекори во животот како во останатите развиени земји во светот. Да се биде декан во два мандата на првиот факултет во нашата земја, основан во далечната 1920 година, мандат во кој во 2020 ја одбележавме 100-годишнината од неговото постоење, беше голем предизвик и обврска. Долг кон традицијата, декан на Факултет низ чии ходници, кабинети и слушални пред вас чекореле и создавале великани како Михаил Петрушевски, Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Десанка Миљовска, Фран Петре, Шоптрајанов, Тошев, Љубен Лапе, Димчо Коцо, Томо Томоски, Киро Ќамилов, Пољански, Петар Хр. Илиевски и многу други личности значајни за поновата историја на нашата држава, всушност декан на институција чие име означува државотворност.

100 години од основањето на Филозофски факултет

Се фокусирав да ја искористам разноликоста на факултетот, човечкиот капитал и многуте научни области кои се изучуваат за мултидисциплинарни научни и проектни активности. Набргу сето тоа даде резултати. Со помош на мојот тим на продекани, деканатот, администрацијата и голем дел од колегите успеав речиси во целост да ја реализирам мојата програма за декан и заедно да го направиме Филозофскиот факултет академски центар не само во Македонија туку и пошироко во Европа и светот. Но, тоа не беше лесно. Како што напоменав, големи проблеми создаваат лошите законски решенија, немањето кадровска и финансиска автономија, застарениот модел на финансирање на високото образование, административните барикади за реализација на каква било активност, кои бараат вложување на голема енергија за реализација и на најмала работа. Дојде и пандемијата, економската криза, војната во Украина, галопирачка инфлација, пад на сопствените финансии, немање капитални инвестиции, но сепак успеавме да ги надминеме проблемите и да продолжиме со темпото со кое го започнав мојот мандат. Понекогаш се двоумев во себе дали сум на правиот пат, но отсекогаш во мојот живот се водев од мислата „Ако не можеш да направиш големи работи, прави мали работи на голем начин и никогаш не запирај на твојот пат, оди секогаш напред“, во превод, преку зборовите на еден до најголемите политичари во светската историја Винстон Черчил, „If you’re going through hell, keep going” („И ако одиш низ пеколот, продолжи да одиш“).

Поддршка на различностите

Фокусот на важноста за подигање на свеста за општествената одговорност меѓу нашите студенти, многуте организирани трибини и научни настани на важни теми за проблемите во нашето општество, хуманитарни и еколошки акции, поттикнување на студентскиот активизам сметам дека е нашиот најголем успех во изминатите 7 години. Пред 7 години терминот „општествена одговорност“ беше повеќе разбиран како апстрактен поим во „некои преведни стратегии“ финансирани од меѓународните организации. Со започнување на нашите активности на овој план, особено последните неколку години, може да се забележат многу активности на „општествено одговорни компании“, а во голем дел од тие активности бевме вклучени како помагатели и партнери. За разлика од моите претходници, како декан располагав со буџет трипати помал од пред 10 години, по примерот на факултетите во развиените земји, преку овие активности обезбедивме партнери и донатори со чија помош реализиравме голем број научни активност и капитални инвестиции за осовременување на условите за студирање на факултетот. Ја продолживме нашата главна мисија започната од генерациите професори пред нас, да останеме „чувари на нашето општество“.

Меѓународна недела

Можеме да се гордеме со меѓународната и научна дејност на факултетот во изминатите 7 години. Факултетот организираше 38 меѓународни научни конференции, 8 меѓународни летни школи и 144 научни настани. Во овој период (и покрај пандемијата) на научните настани, Меѓународната недела, преку програмите Еразмус и ЦЕЕПУС, јавни предавања, проектни активности на факултетот присуствувале 857 професори од универзитети од целиот свет (Европа, Северна и Јужна Америка, Азија, Африка, Австралија и Океанија). Над 2.000 студенти од други универзитети биле присутни на факултетот преку програмите за размена, билатерални европски и регионални проекти, Филозофијадата итн. Од сопствените средства и проектните активности овозможивме 791 мобилност на наставниот кадар да учествува на конференции, работилници и како визитинг професори на универзитетите во Европа, како и 600 мобилности за студентите. Бевме иницијатори и за регионално вмрежување за Унија на Филозофски факултети на Југоисточна Европа што доведе на меѓусебно вклучување на наставниот кадар во студиските програми на факултетите, потоа регионално вмрежување во областа на безбедноста од што произлегоа многубројни заеднички академски активности. Нашата визија ја пренесовме и нашите студенти. Со поддршка и преку иницијатива на деканатот тие организираа 26 научни студентски конференции, особено традиционалната конференција „МЕЕТ“ чии статии се објавуваат во зборник, се обнови и издавањето на единственото студентско списание во нашата земја „Внатрешен патник“ кое се печати и со Брајово писмо, и се издава во Аудио формат наменето и за студентите со попреченост. Во изминатите 7 години Факултетот реализираше 20 меѓународни проекти од програмите Хоризонти, Еразмус, фондации на европските држави и меѓународните организација и 43 национални проекти, со што од последно место по број на проекти на Универзитетот се искачивме на 6. место.

Работилница со студенти од Утрехт

Засилено работевме и на зајакнување на научната инфраструктура, за да обезбедиме алатки и услови за истражување, најсовремена научна литература не само за наставниот кадар, најважно и за студентите особено на постдипломците и докторантите. Денес ФЗФ е лидер како високообразовна институција во нашата земја. Создавовме современа научна инфраструктура: пристап до светски научни дата бази (JSTORE, ARTSTOR, Cambridge Core, MUSE, Sage Journals, Edward Elgar, EBSCOHost, ERIC), достапност за пребарување на богатиот библиотечен книжен фонд преку КОБИС, дигитализација на сите научни списанија на Факултетот (од 1926) и одбранети магистерски и докторски трудови достапни на порталот https://periodica.fzf.ukim.edu.mк и Електронската ризница на УКИМ, развиена платформа за е-учење и за студенти со попреченост, платформи за далечинско учење, современи академски алатки (Qualtrix, MSTeams, Exam.net, Flexi Quiz, Zoom, Turnitin). Преку издавачката дејност на Факултет поддржано е издавање на 80 учебници и монографии, 20 зборници на трудови од меѓународни конференции и 59 броеви на меѓународните научни списанија на факултетот, при што засилено работевме и на индексација на списанијата за поголема научна популарност и здобивање со импакт фактор. Особено сум горд на двете луксузни монографии објавени на македонски и англиски јазик: „Филозофски факултет: еден век високо образование, еден век државотворност“ (Faculty of Philosophy: a century of higher education, a century of state-building: 1920–2020) и „Skopje. Eight millennia of life, culture and creation“ (2019).

Предавање на Универзитетот во Сараево

Навистина е тешко да издвојам кои активности во овој период се позначајни од останатите. Но особено чуство на гордост имав при реализацијата на Меѓународните недели, оригинална идеја при што професори од Европа одржуваа јавни предавања пред нашите студенти на актуелни теми од областа на општествените и хуманистичките науки, што беше високо оценета од сите колеги кои присуствуваа на настанот. Потоа Меѓународната конференција „Мигрантската и бегалската криза во глобализиран свет: одговорности и одговори“ (5–7. IX 2018, Охрид), која беше резултат на претходно организираната успешна Меѓународна летна школа „Управување во услови на мигрантски кризи“ во соработка со Универзитетот во Сараево и Универзитетот за применети науки во Велика Горица, што предизвика интерес и од челните лица на Меѓународната организација за миграции при ОН, на која покрај многубројни професори од странство на сопствено барање присуствуваше и проф. д-р Аргентина Сабадош, регионалниот директор на ИОМ при ОН, при што настанот се појави на насловните страни на ИОМ.

На археолошкиот локалитет Билазора

Како декан не можев да не бидам горд на моите продекани и колеги за сите иницијативи и реализација на програмата, како на пример успешната реализација на Првата и Втрата светска конференција за религиски дијалог и соработка (одржани во Струга 2023 и Струмица 2024 г) на кои учествуваа водечки експерти од областа на религијата од целиот свет и кои беа оценети од УНЕСКО во седиштето во Парис меѓу петте најзначајни настани во светот за овие две години. Засилената медиумска кампања и состаноци со надлежни институции за конзервација и ископување на локалитетот Билазора кој претставува едно од најзначајните културни блага во нашата земја, вроди со плод ̶ обезбедени се финансии од донатори и од локалната самоуправа со што продолживме со нашата мисија за афирмација и зачувување на нашето културно наследство. Како единствен факултет во Македонија на сопствена иницијатива ги отворивме вратите за студентите бегалци од војната во Украина со можност да го продолжат своето студирање за време на престојот во Македонија. Тоа во интервјуто за УНХЦР беше оценето како голема помош за бегалците, особено за младите лица, да ја надминат тешката состојба во која западнале без никаква вина.

Студентка од Украина која се фотографирала на скопскиот Плоштад

Верувам дека и новиот декан (кој беше дел од мојот тим во два мандати продекан за настава и учествуваше во реализација на многу од горенаведените активности) и новите продекани ќе ја продолжат оваа мисија и визија, можеби и со поголем успех во наредните години.

Можеби нашите генерации не се виновни за инфраструктурните проблеми, но како предизвик започнавме со целосна реконструкција на дотраената зграда и нејзина околина, бидејќи Филозофскиот факултет е нашиот дом во кој се вткаени нашите животи, тој е нашето минато, сегашност, нашата иднина.

За време на пандемијата

Но, не можам да преболам, и останува мој неуспех, што не успеав да обезбедам капитални инвестиции за централна библиотека и не ја довршив реконструкцијата на покривот, сите тоалети и аулата на факултетот за кои имав изготвени елаборати и проектни документации. Голем дел од финансиите беа обезбедени преку донатори, но со пандемијата и се’ она што следеше во наредните години, особено економската криза, остана само сон. Останува да се реализираат во некои подобри времиња. Централната библиотека ќе ги решеше сите просторни проблеми, а студентите ќе имаа современа библиотека според сите светски стандарди.

На што ќе се насочите од септември?

– Должноста декан претставува дополнителна функција кон обврските кои ги имав како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. За жал административните обврски ја замреа мојата научна и филолошка дејност. Тоа најмногу ми недостасуваше во изминатите 11 години. За мене е чест да се биде професор на најстарата високообразовна инстиуција во нашата земја во која многумина ги поминавме и најубавите години од нашата младост, а малкумина се стекнаа со звањето Професор. Но, живееме во време кога некогаш најголемата титула Професор е изедначена со секоја друга професија. Веќе не е позив, туку обична работа. Латинскиот збор professor, e изведен од глаголот profiteor („изјавувам слободно, проповедам, исповедам“), во минатото означувал најучен учител, повеќе од magister, a титулата се употребувала во религијата. Титула на највисокиот свештеник кој проповеда, исповеда и учи, со појавата на универзитетите станува титула на врвниот учител што слободно и јавно поучува и проповеда наука. Титула декан потекнува од лат. Dekanus, заповедник на десетина, десетар во армијата, во манастирите на десетмина монаси, во Стариот Завет и судија.

Седум години бев рамноправен меѓу оние што слободно зборуваат, задолжен да ги претставувам сите „проповедници“ на факултетот облечен во световна одора означена со инсигнии. Титулата „Професор“ е нашето бреме. Таа означува човек кој покрај врвно знаење мора да ги поседува сите доблести, сета virtus, што стреми кон врвно добро, разборитост, справедливост, чесност, сочувство, солидарност. Тие вредности тој треба да ги пренесува на младите поколенија, но и „слободно да ги изјавува и проповеда“ во пошироката јавност за подобар свет и услови за живот. Нема поблагородна работа од тоа да се биде универзитетски професор, бидејќи ние го имаме најсветиот дар: слободно да зборуваме и проповедаме, да ја шириме нашата визија, да истражуваме, патуваме и да поучуваме.

Втората работа што најмногу ми недостасуваше и на која ќе се посветам по завршување на мандатот е мојата професија како класичен филолог, (philologos, „зборољубец“) е пишувањето и читањето кое во минатото беше мојот спас од суровата реалност. Бидејќи книжевното богатство е немерливо, тоа е богатство од зборови, мисли, агонија, радост, верба, надеж, пророштво, една бескрајна низа на светови овековечени во секое едно издание. Без книжевноста светот е осуден на пропаст.

Сподели