Академиците Влада Урошевиќ и Абдулменаф Беџети, Блага Петреска, Љубе Трпески говорници на „Чувари на мудроста“

Академиците Влада Урошевиќ и Абдулменаф Беџети, актерката Снежана Конеска-Руси, Драган Б. Костиќ и Блага Петреска се дел од говорниците на 3. Конференција „Чувари на мудроста“ што ја организира Халкбанк. Професори, уметници, стопанственици, личности со богата животна и професионална трага ќе ги пренесат своите искуства, знаења и приказни на студенти, млади претприемачи, културни работници и претставници на стартап компании. Деветтемина професионалци во различни области ќе бидат распоредени во три панели на конференцијата што ќе се одржи на 28 мај на Економскиот факултет во Скопје (Амфитеатар 1).

Првиот панел, насловен „Уметност на живеењето – на сцената и во реалноста“ е посветен на уметноста како вештина на изразување и творење, но и на носење животни одлуки. На оваа тема ќе говорат академик Влада Урошевиќ, истакнат македонски писател, кој сè уште е активен и во десеттата деценија од животот и Снежана Конеска-Руси, една од најангажираните македонски актерки, која неодамна ја доби наградата за животно дело на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.

Вториот панел, „Курикулум на животниот и професионален развој“ ќе ги обедини искуствата на професорот по економски науки, академик Абдулменаф Беџети, професорот по административно право и јавна администрација, Борче Давитковски и професорот Љубе Трпески, кој во својата кариера беше професор на Економскиот факултет во Скопје, министер и гувернер на Народната Банка кои ќе одржат едно поинакво предавање пред студентите. Дел од дискусијата ќе биде и Муарем Муртезани, истакнат стопанственик, кој од бизнис аспект ќе се надоврзе на дискусијата за предизвиците на патот на динамичниот животен и професионален развој на секој човек.

Третиот панел ќе го долови шармот на музиката како професија, животна определба и ритам на животот. На тема „Живот во ритам на музиката“ пред студентите и младите ќе говорат легендарниот музички новинар и диџеј, Драган Б. Костиќ, доајенката на македонската народна музика, Блага Петреска и велешкиот Страдивари – светски познатиот изработувачот на виолини, Светозар Богданоски.

Панелите ќе бидат во формат на форуми и сите присутни ќе можат да постават прашања и да ги споделат своите размислувања со говорниците.

Конференцијата е бесплатна и отворена за сите, но заради ограничениот капацитет, неопходно е пријавување на присуството со пополнување онлајн формулар за регистрација.

Сподели