Археолошки музеј во Скопје ја доби наградата Музеј на годината што ја доделува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Наградата ќе им биде врачена утре во 11 часот во Чифте амам во Старата скопска чаршија на советувањето што македонскиот ИКОМ традиционално го одржува во чест на 18 Мај, Меѓународен ден на музеите. Годинашна тема на советувањето е: „Иднината на музеите во заедниците коишто брзо се менуваат“.
На настанот ќе бидат врачени традиционалните награди и признанија. Добитниците се:
– Музеј на годината: Археолошки музеј на Република Северна Македонија;
– Музејски проект на годината: „Развојот на културните институции во Скопје по Втората светска војна“ со изложба „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“ на Зоја Богдановска, кустос-советник историчар, Музеј на град Скопје;
– Музејски проект на годината: „Меморија без граници. Искуствата на македонските емигранти во Полска од 1948 до 2024 година“ на д-р Владимир Боцев, Музеј на Р.С. Македонија и Институтот за словенска филологија при Универзитетот „Адам Мицкевич“, Познан, Полска;
– Музејски работник на годината: Жаклина Мучева, Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија;
– Надворешен музејски соработник: Ванчо Милошевски, главен референт за заштита на културно наследство, животна и социјална средина, „Македонски железници, Инфраструктура – Скопје“, за „Музејска поставка по повод 150 години железници во Македонија“.
Пофалници ќе им бидат врачени на Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница и на археолозите Благица Стојанова и Јулијана Иванова од музејот, етнолозите Владимир Благојевиќ и Тамара Денесовска од Музејот на Македонија и на Марија Рабаџиска, едукатор од Археолошкиот музеј.





