А кога, ако не сега?

Ви го пренесуваме текстот насловен „Сега, баш сега!“ од проф. д-р Владимир Мартиновски кој ја отвори скопската изложбата и објаснува зошто ТРИ и „Зошто не сега?“

Во објектот „Магаза“ во Битола задутре (14 март) во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зошто не сега…?“ на уметничката група ТРИ. Грушата ја сочинуваат визулените и мултимедијални уметници Страхил М. Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски. Тројцата уметници објаснија зошто сега решија да се обединат, која е целта на нивното заедничко патешествие. Велат дека уметничките групи, колективи оставаат траен белег на уметничката сцена и се многу важни за уметничка, визуелна смисла.

Ви го пренесуваме текстот насловен „Сега, баш сега!“ од проф. д-р Владимир Мартиновски кој ја отвори скопската изложбата и објаснува зошто ТРИ и „Зошто не сега?“

1.

„Зошто не сега?“ е прашање кое може да биде поставено во различни прилики. И кога за нешто се чекало со години, но и кога одненадеж чувствуваме дека ако нешто не сториме „баш сега“, тоа нема да се случи никогаш. Кога станува збор за уметничкото творештво, веројатно нема помоќно и побитно прашање. Затоа, одговорите се даваат само преку чинот на создавањето. Тоа „сега“ е збир на многу претходни „сега“, но најчесто нема втора шанса. Ако секое уметничко дело има „сега“ на раѓање, така е и со одлуките уметниците да создаваат заедно, во уметнички групи, како што е случајот на појавата на уметничката група „Три“, која се осмелува да ни приреди мултимедијален симпозиум на зададената тема. Оваа изложба би можеле да ја „читаме“ и како визуелен манифест на групата.

Безбројни се асоцијациите кога ќе го слушнеме (или видиме) бројот 3: од 3 грации до 3 наречници, од 3 браќа до 3 невести кои берат тикви. Речиси нема приказна во која не го среќаваме овој „совршен број“: од безбројните библиски референци (од Светото Тројство, преку тројцата мудреци во пустината, па сè до тројцата апостоли-сведоци на Преображението), преку Божествената комедија на Данте или филмската трилогија „Три бои“ на Кишловски, па сè со безброј трипартитни драмски, музички или ликовни трилогии, триптиси, тријади…

Затоа, името на уметничката група „Три“, составена од реномираните мултимедијални уметници Страхил М. Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски, на најубав начин ја буди асоцијацијата на мигот кога одлучуваме да направиме нешто значајно и предизвикувачко. Броиме: „еден, два, три“ и почнуваме. Тие веќе подолго време даваат маркантни резултати и на македонската и на меѓународната уметничка сцена, но со овој проект се обединуваат околу едно суштинско прашање – вечната сегашност на уметноста. Секој од нив ни нуди раскошни резултати, но кога тоа ќе се помножи со три, прераснува во изложба која не смее да се пропушти.

2.

Името на групата е поврзано и со бројот на рамноправни протагонисти, но и со симболилкиот потенцијал на бројот 3: три е синтеза на минатото, сегашноста и иднината, а тие се среќаваат токму во зборот „сега“. Секое вредно уметничко дело нуди таква средба и таква синтеза, а оваа изложба е составена токму од такви дела. Овие визуелни уметници со својата прва заедничка изложба како да нè нурнуваат во тајните на творечкиот процес кој никогаш не е монолог. Страхил, Лазе и Ангел, овие три ликовни мускетари, со секое дело ни покажуваат дека уметноста е секогаш дијалог, тријалог, полилог. Со многубројните дела создавани во најразлични ликовни техники, ликовното трио „Три“ недвосмилено ни покажува дека уметничкото дело природно влегува во дијалог и со нашите претходници и со нашите современици. Уште од групата „Денес“ од 50-тите години на ХХ век, па сè до денес на македонската сцена дејствувале низа маркантни уметнички групи, така што оваа изложба би можела да се толкува и како нивен интерен творечки тријалог, но и како заеднички дијалог со минатото, сегашноста и иднината на уметноста.

3.

Секое ликовно дело е плод од едно творечко „сега“, чии никулци можат да се насетат не само во претходните дела на секој од нив тројца, ами и во новите хоризонити кои се отвораат кога уметничкиот чин ќе се сфати како отворен процес на заеднички истражувања, ефектно најавен со поднасловот на проектот „Хроматски контрасти: сенки, отсуство и рефлексија“.

Заедничката изложба на Петровски, Трипков и Коруновски е вдахновен влог во истражувачката компонента на современата мултимедијална уметност. Во оваа изложба има неколку иноваторски нишки кои се распостилаат низ делата: 1) смели, длабоко лични и непредвидливи истражувања на можностите на монохроматизмот преку суптилните игри со нијансирања, но и контрастирања (темно-светло) кои ги нуди црната боја. Оваа (нај)енигматична боја, тоа ни го предочува овој проект, има неисцрпен симболички потенцијал, особено на оската „присуство-отсуство“, која е обединувачка тематска нишка на овој проект. Да се потсетиме дека со црната боја се поврзува и бескрајот на универзумот и смртта, но и мајчината утроба или внатрешноста на земјата, од каде се раѓа новиот живот; 2) истражувањето на медиумските прелевања и проникнувања во апстрактниот ликовен израз, остварена во различни облици на експресија (од инсталации и објекти, преку постери и фотографии па сè до масла на платно, акрил на платно и комбинирани техники); 3) истражувањето на можностите за влегување во дијалог со други творци, без притоа да се загуби препознатливиот творечки ракопис на секој од авторите.

Со заедничкиот проект „Зошто не сега?“ уметничката група „Три“, Страхил Петровски, Лазе Трипков и Ангел Коруновски си поставуваат и ни поставуваат голем број суштински прашања преку визуелниот јазик, уверувајќи нè дека уметничките дела повикуваат на саморефлексија и на ново согледување на човековата состојба денес.

А кога, ако не сега?

Насловна фотографија: Страхил Петровски, Лазе Трипков, Ангел Коруновски, Владимир Мартиновски (од лево кон десно) / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сподели