Фестивалот постхумно ги наградени и актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа, кој беше еден од основачите на фестивалот и од годинава ќе се востанови награда што ќе го носи неговото име.
Наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува Меѓународниот филмски фестивал „Киненова” годинава му припадна на македонскиот актер Мето Јовановски. Признанието ќе му биде врачено утревечер во 20 часот на отворањето на фестивалот во киното „Милениум“ во Скопје.
Сите ние некојпат сме биле почетници и секојпат некој познат или непознат се случувало да ни помогне, да имаме некаква позадина, поддршка, што е многу важно. Други времиња беа кога јас почнав во 70-тите, други времиња се сега, рече Јовановски, на прес-конференцијата што се одржа денес.
– Не би рекол дека на Милчо Манчевски првиот филм „Пред дождот” е дебитантски филм, но е еден од неговите први филмови и постигна голем резултат. Нештата немаат правила, честопати се случува во почеток, од многу причини, амбиција, креативност, страв да се успее, дали ќе се успее. Се случува некои филмови на почетокот да се поуспешни од подоцна. Нема правила, нашата работа е колективна, зависи од многу фактори, од сценарио, режисер, партнери, камери, расвета, монтажа, многу фактори се пресудни за на крајот да има добар резултат, но и условите, амбиентот во кој се работи, времето во кое живееме – рече Јовановски.

Мето Јовановски и Игор Ангелков, селектор на фестивалот
Во чест на лауреатот на „Киненова” ќе биде прикажан филмот „Тетовирање” на Столе Попов.
– За овој филм толку многу е зборувано, толку многу реплики се знаат и од помладите и од постарите, така што тој како проект одживеало и се уште живее, присутен е и овде и во просторите на поранешна Југославија. Повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава, креативци луѓе кои работат нов филм, да не живееме на стара слава. Награди добивам и овде и на просторите на поранешна Југославија и не се случило да одбијам награда. Тоа е дел од нашата професија – признанија, награди, аплауз…да ве застануваат на улица. Тоа е сепак присутност во јавноста, рече Јовановски и забележа дака во странство има малку подобар однос кон луѓето кои се занимаваат со култура, не само актери, туку и уметници, музичари.
За секој актер театарот е многу важен.
– Театарот е основа. Но, филмот е една магија која не се дава така лесно. Театарот за мене е основа. Тоа за мене е вистинската работа за еден актер. Филмот е во рацете на режисерот, а театарот нема други фактори. Во филм може да се случи некој од улица или дете да биде подобар од актерот, но во театарот не е така. Театарот го сакам отсекогаш, премногу го сакам – рече Јовановски.
Оваа година МФФ „Киненова” постхумно доделува и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.
– Љупчо Тодоровски беше значаен дел од Фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програма, соопшти директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.





