Фотоклубот „Куманово“ ја организира 13. Национална изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата“, што ќе биде отворена утревечер во 19.30 часот во Изложбениот салон на „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Ова е традиционален настан посветен на креативноста, талентот и визијата на жените во фотографијата.

И годинава, во пресрет на 8 Март – Светскиот ден на жената, изложбата продолжува да биде силна платформа за афирмација на женското фотографско творештво во Македонија. Фотографијата е глас, емоција и лична приказна. Преку објективот, жените авторки создаваат дела исполнети со длабочина, сензибилитет и силна визуелна порака, градејќи препознатлив и автентичен израз.
Пристигнаа над 250 фотографии од учеснички од повеќе фотоклубови ширум земјата. По внимателна селекција, избрани се 80 дела кои ја претставуваат современата женска фотографска сцена – моќна, искрена и инспиративна.
„Жените и фотографијата“ не е само изложба, туку прослава на еднаквоста, уметноста и истрајноста. Ве покануваме да бидете дел од оваа приказна и заедно да ја почувствуваме силата на женската визија.
Изложбата ќе биде поставена до 18 март.





