Во Младинскиот културен центар во Скопје денеска од 13 до 18 часот ќе биде поставена изложбата „Мартинки – традиција што трае“ од Марија Младеновска-Митровска. Таа ќе се претстави со рачно изработени мартинки создадени во изминатите 35 години и документарен материјал од нивната меѓународна презентација во Варшава, Полска. На отворањето свое обраќање ќе има м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство и национален координатор за спроведување на Конвенцијата на УНЕСКО од 2003 година за заштита на нематеријалното културно наследство.
Мартинките се традиционален обреден симбол поврзан со доаѓањето на пролетта, здравјето и добрата среќа. Во творештвото на Младеновска-Митровска тие се појавуваат како спој на наследена традиција, личен ракопис и современа визуелна интерпретација.
Во 2024 година дел од нејзините изработки беа претставени во Варшава во рамките на меѓународен настан посветен на обичајот на мартинките, впишан во 2017 година на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО како мултинационална номинација на Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.
Во рамки на овие процеси, иницијативата и долгогодишната посветеност на авторката кон зачувувањето и промоцијата на мартинките се валоризирани и препознаени во контекст на активностите поврзани со нематеријалното културно наследство.
Со оваа изложба авторката пошироко се претставува пред домашната публика, прикажувајќи не само ракотворби, туку и континуитет – сведоштво дека традицијата живее сè додека се создава, се чува и се пренесува.





