Реформите во образованието се неопходни. Но, квалитетот и одржливоста на образовните реформи подразбираат нивно креирање врз основа на системска и институционална соработка со пошироката стручна заедница: универзитетски наставници од соодветните области, наставници од училиштата, претставници на професионални здруженија и други релевантни чинители, велат од Институтот за хемија
„Ова не е техничка измена. Ова е суштинска промена со долгорочни последици. Намалувањето на бројот на часови по природни науки во гимназиите е стратешки ризик за иднината на државата“, реагираат од Институтот за хемија при Природно-математички факултет во Скопје на предлог-концепцијата за гимназиско образование која е отворена за јавна дебата и забелешки до утре. Министерство за образование и наука пред една година ја објави првата верзија од концепцијата. На почетокот на месецов МОН го објави новиот предлог со став дека е резултат на сеопфатна анализа и вградување на забелешките, сугестиите и предлозите добиени за време на јавната расправа одржана лани. Реакциите на новиот документ, забелешките и предлозите се отворени до утре и може да се достават по електронска пошта на javnarasprava@bro.gov.mk.
Од Институтот за хемија и од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) објаснуваат дека според предложениот модел, предметите хемија, физика и биологија се изучуваат задолжително во прва и втора година со по два часа седмично (како и досега), а во трета и четврта година се изучува како изборен предмет, исто така со два часа седмично.
– Во моментот се изучуваат со два часа во трета година како задолжителен предмет и со три часа во четврта како изборен предмет. Ова не е техничка измена. Ова е суштинска промена со долгорочни последици – велат тие.
Зошто е проблем?
Според нив, хемија, физика и биологија се фундаментални науки и основа за студии по медицински, природни, технички и биотехнички науки и нивното продлабочено разбирање бара континуитет во учењето и постепено градење на концептите во текот на сите четири години од гимназиското образование. Фонд од два часа неделно во трета и четврта година како изборен предмет не овозможува доволна теоретска длабочина, систематско воведување во лабораториска работа и развој на експериментални и истражувачки компетенции.
– Со предложеното решение се создава јаз меѓу гимназиското и високото образование. Тоа неизбежно ќе доведе до намалена подготвеност на идните студенти на медицинските, биотехничките, природно-математичките и техничките факултети, каде основата ја сочинуваат STEM науките – велат хемичарите.
Контрадикции со долгорочни последици
Тие објаснуваат дека во предлог-концепцијата се нагласува потребата од развој на критичко размислување, научна писменост, зелени компетенции и разбирање на глобалните предизвици како климатските промени и одржливиот развој. Овие цели не можат да се реализираат без стабилна и силна основа од природните науки. Намалувањето на можностите за нивно продлабочено изучување е во целосна спротивност со потребата од јакнење на STEM подрачјата – насока што ја следат современите европски образовни политики.
– Ова решение носи реален ризик од намалување на интересот за студирање од областите на природните науки, дополнително оптоварување на универзитетите со надоместување на средношколските знаења, слабеење на научниот и технолошки потенцијал на државата и недостиг на високо квалификуван кадар во здравството и индустријата во иднина. Прашањето за статусот на природните науки во гимназиското образование не е прашање за број на часови од некој предмет, туку стратешко прашање од национален интерес – децидни се тие.
Неопходно преиспитување
Од Институтот за хемија сметаат дека е неопходно да се врати можноста за напредно изучување на хемијата, биологијата и физиката, во трета и четврта година со зголемен фонд на часови и да се обезбеди усогласеност меѓу гимназиските програми, државната матура и условите за упис на факултетите. Намалување на длабочината во изучувањето на природните науки носи ризик од долгорочни последици.
– Реформите во образованието се неопходни. Но, квалитетот и одржливоста на образовните реформи подразбираат нивно креирање врз основа на системска и институционална соработка со пошироката стручна заедница: универзитетски наставници од соодветните области, наставници од училиштата, претставници на професионални здруженија и други релевантни чинители. Тие треба да се вклучени во сите фази, а не само во завршните фази на формална доработка, кога суштинските решенија веќе се дефинирани, особено имајќи предвид дека наставниот процес веќе се реализира врз основа на програми без претходно донесен и усогласен наставен план – велат тие.
Промена на третманот на природните науки, проблеми со „слободниот избор“
Членови на Секцијата за хемиско образование при СХТМ тврдат дека во ревидираната Концепција промените во третманот на хемијата и природните науки кои биле поздравени во концепцијата од минатата година, сега се изменети во спротивна насока со преполовување на фондот на часови од природните науки (хемија, физика и биологија) од ланските 4 на 2 часа седмично во трета и четврта година.
– Не е јасно на што се должи оваа драстична промена. Освен тоа, во втората група на изборни предмети нема понудени предмети за стекнување на напредни знаења во подрачјето на природните, медицинските и биотехничките науки – тврдат тие.
Според нив, проблематично е промовирањето „автономија на ученикот“, зашто на таа возраст, без соодветно кариерно насочување, ова ќе води кон избирање на полесниот пат.
– Ако на 15-годишник му понудите избор помеѓу сложена материја како органска хемија или термодинамика и некој полесен предмет, јасно е што ќе избере за да добие повисок просек со помалку труд. Свесно ќе дозволиме натамошна ерозија на базичните знаења. Згора на тоа, понудените изборни предмети што се учат две години, доколку се избираат сосема слободно, ќе доведат до два клучни проблема. Учениците да ги изберат кои било три предмети што не мора да чинат логична целина и севкупност на знаења од едно научно подрачје, а вториот е практичен и ќе предизвика проблеми со организацијата на наставата и формирање на голем број групи со секакви комбинации на предмети – велат од СХТМ.
Решение: дефинирање на три подрачја
Тие решението го гледаат во дефинирање три групи (пакети) кои би се избирале во трета и четврта година, кои ќе обезбедат достигнување на одредено базично и кохерентно знаење во одредено подрачје, за разлика од слободната изборност, која би довела до фрагментирани знаења. Подрачјата би биле:
Природно-математичко и ИТ (STEM) со задолжителни предмети: математика, хемија, физика, биологија, информатика и подготовка за студии на технички, природни, медицински, биотехнички факултети.
Општествено-хуманистичко со задолжителни предмети: историја, психологија, социологија, право, економија и подготовка за правни, економски и филозофски факултети.
Јазично-уметничко со задолжителни предмети: странски јазици, литература, историја на уметност и сл. и подготовка за филолошки и уметнички факултети.
Во секоја група, задолжителните предмети би се реализирале со 4 часа седмично (во трета и четврта година), а со помал фонд на часови би се реализирале: предмети од друга група-подрачје и напредни предмети од избраното подрачје (со 1 или 2 часа седмично).
– Во Словенија и Хрватска гимназиите се поделени на јасно дефинирани насоки. Ако изберете „природно-математичка гимназија“, прифаќате зголемен фонд на часови по хемија, физика и биологија (иако овие три предмети се задолжителни за сите насоки и во трета година, а во Хрватска и во четврта!). Изборност постои, но таа е внатре во подрачјето, т.е. може да се реализира во рамки на втората група предмети, откако е избран примарниот пакет – насока – велат хемичарите.
Тие ги посочуваат искуствата од земјите со најдобри резултати и на меѓународни тестирања и на меѓународни олимпијади во знаење, кои покажуваат дека насочувањето во средното образование дава подобри резултати. Учениците кои се фокусирани на едно подрачје имаат повеќе време да навлезат во длабочина на материјата, наместо да „гребат по површината“ на повеќе различни неповрзани предмети.
– Дефинираните подрачја нудат структура, сериозност и сигурност дека матурантот е навистина подготвен за следниот чекор во животот. Така создаваат заедница меѓу учениците со слични интереси и поттикнуваат здрава конкуренција и соработка во рамките на таа група. И конечно, овозможува подобра организација на кадарот и ресурсите. Ако училиштето знае колку групи има во природно-математичкото подрачје, тогаш ќе може соодветно да ги опреми лабораториите за тие специфични ученици – велат хемичарите.
Каква иднина сакаме?
Тие се категорични дека образованието мора да биде систем кој предизвикува, инспирира и кој подготвува. А, со воведувањето на неограничена изборност и деградирањето на природните науки не им правиме услуга на младите, туку ги ограничуваме во глобалната трка за знаење.
– Барањето за дефинирање на три јасни образовни подрачја не е само желба на група хемичари, туку егзистенцијална потреба за опстанок на македонската наука и стопанство. Без цврсто дефиниран STEM блок, ќе имаме дипломирани матуранти, но ќе немаме подготвени студенти за медицина, технологија, инженерство, агрономија, хемија, физика, биологија … – велат од Институтот.
Тие ги повикуваат Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието да ја ревидираат Концепцијата пред таа да стане правосилна и во трета и четврта година.
– Наместо да експериментираме со иднината на нашите деца и нашата земја, да воспоставиме структура која ќе ги врати природните науки на местото каде што припаѓаат – во темелите на современото општество – велат хемичарите.
Наслова фотографија: Институт за хемија





