Манифестацијата „Сусурига“, автентичен обичај што ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка, денеска по трет пат ќе се одржи во Крива Паланка. Програмата почнува напладне со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12.30 часот.
– Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обичаите што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот – велат организаторите.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамбурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8. Октомври“ при Центарот за култура во Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.





