Промовиран првиот том на Македонскиот етимолошки речник

Огромно e значењето на првиот том на Македонскиот етимолошки речник за македонскиот јазик, литературата и науката, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на вчерашната промоција на Речникот. Автор на делото е проф. д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје. Речникот е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани лани од буџетски средства.

– Мора да се свртиме кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Предолго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок – рече Јаневска.

Таа додаде дека лани со 374 милиони денари биле финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата. Лани буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.

Сподели