Концерт што не треба да се пропушти – Национален џез оркестар и Ренато Чико

Националниот џез оркестар и Ренато Чико ќе одржат концерт задутре во 20 часот во Национална опера и балет. Концерт што нема да го заборавите, најавуваат нашите музичари. Специјален гостин на вечерта е Енди Вотсон, тапанар од Њујорк.

Ренато Чико е пијанист и органист чиј музички израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на Лајонел Хемптон и музички директор на Jon Hendricks & Company, Chicco делувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови како Blue Note и Birdland. Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите — инструмент кој во проектот Organ & Big Band е поставен во центарот на оркестарскиот израз.

На концертот ќе биде изведена програмата од неговиот албум First Encounter – Organ & Big Band — проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани.

Специјален гостин на вечерта е Енди Вотсон, тапанар со богата и активна кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како Vanguard Jazz Orchestra и Toshiko Akiyoshi Big Band. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект.

Билети може да набавите на линкот.

Сподели