Почина легендарниот актер Роберт Дувал

Легендарниот американски актер Роберт Дувал, кој играше во серија филмски класици како „Кум“, „Апокалипса сега“, „МЕШ“, почина на 95 години. Актер, режисер, раскажувач, добитник на „Оскар“ за филмот „Нежна милост“ (Tender Mercies) – за најдобар актер во 1984, играјќи кантри пејач кој се обидува да го надмине алкохолизмот.

– За мене, тој беше едноставно сè. За секоја од неговите бројни улоги, Боб им даде сè на своите ликови. Правејќи го тоа, тој ни остава нешто трајно и незаборавно на сите нас“, објави неговата сопруга Лусијана Дувал на Фејсбук.

Дувал е можеби најпознат по улогата на Килгор во „Апокалипса сега“, но остави огромно влијание и како Том Хаген во „Кум“ и „Кум 2“, осамениот Бу Радли во „Да се убие птицата подбивница“ и многу споредни и карактерни улоги. Беше номиниран седумпати за Оскар.

Роден во Сан Диего во 1931 година, Дувал учел драма на колеџ во Мисури и на кратко се приклучил на војската. Во 1955 се запишал во актерското школо „Нејбрхуд плејхаус“ во Њујорк, во генерацијата со Џејмс Кан, Џин Хекман и Дастин Хофман. Постојано работел на телевизија и театар пред да ја добие својата прва филмска улога, како мистериозниот Бу Редли во „Да се убие птицата подбивница“ во 1962.

Малите улоги во „Булит“ и „Човекот наречен храброст“ ја зацврстија неговата репутација, но улогата во „МЕШ“ му донесе пошироко внимание. Дувал ја утврди својата врска со холивудскиот нов бран со улогите во „Кум“, „Кум 2“  и „Апокалипса сега“, по што стана едно од најпознатите лица во светот на филмот и продолжи редовно да снима разни жанрови и во следните децении. Како режисер дебитираше во 1983 со драмата „Анџело, моја љубов“, по што сними уште три филма.

Во 1992 ѝ се врати на телевизијата со насловната улога во серијата „Сталин“, a последната филмска улога ја оствари во 2022. Во 2015 стана најстариот актер номиниран за „Оскар“, за најдобра споредна улога во „Судијата“.

 

Сподели