Ансамблот „Скопје“ е втор дом за многу деца и возрасни што пораснаа со него во изминатите три децении

Ансамблот за народни песни и ора Скопје годинава одбележува голем јубилеј – 30 години постоење. 30 години на многу дружба, играорци што ја продолжуваат приказната на претходниците, турнеи низ Европа и се уште голем ентузијазам да се продолжи во тој ритам. Разговараме со Ненад Манасиевиќ, директор на Ансамблот, в очи концертот што во чест на јубилејот ќе се одржи на 21 февруари во Националната опера и балет во Скопје.

АНПО Скопје одбележува 30 години постоење. Со оглед на тоа дека пораснавте со овој Ансамбл, што за вас значи АНПО?

– За почеток, поздрав до сите читатели на Умно.мк и голема благодарност за отстапеното време и простор. За мене Ансамбл „Скопјe” е втор дом. Уште како дете одев на пробите каде што моите родители беа членови и раководители. Гледајќи ги пробите и концертите на Ансамблот, во мене се роди љубов да бидам и јас дел од екипата што игра. Но, мојот пат како член на Ансамблот беше многу случаен и спонтан. На почетокот немав доволно храброст, па започнав само како член на оркестарот (тапан), а потоа и член во играорната секција. Од тогаш поминаа 30 години, ги поминав сите скалила во хиерархијата на Ансамблот од играорец, асистент кореограф, уметнички раководител на Ансамблот, а од 2024 и професионално вработен во истиот. Како што кажав, втор дом, и горд сум на вложениот труд.

Ќе го одбележите јубилејот со концерт. Што да очекува публиката? Што подготвувате?

– На концертот ќе земат неколку генерации на Ансамблот: ветеранската група, елитната група, вториот ансамбл и детските групи, придружени од матичниот оркестар под раководство на солистот на хармоника, Зоран Велковски. Подготвивме програма од повеќе региони на нашата држава. Пред публиката ќе презентираме вкупно седум кореографии од тековниот репертоар, а спремаме и пријатно изненадување со премиерната изведба на кореографијата „Кумановка” на кореографот Јовица Блажевски. Во изминатиов период се потрудивме сите кореографии бидат презентирани од нашите играорци со изворни, оригинални носии.

Како опстанувате денес, дали имате поддршка за вашата работа? Министерство за култура, Град Скопје и сл?

– Сакаме да изразиме голема благодарност кон Министерството за култура и туризам,кои изминативе неколку години редовно не подржуваат со финансирање на проекти кои се од национален интерес. Повремено имаме поддршка за проекти од Град Скопје и Општина Центар. Благодарение на 30годишниот континуитет во негување и афирмација на македонскиот фолклор, успеавме да привлечеме многу пријатели на фолклорот кои финансиски ја помагаат работата на Ансамблот. Исто така голема благодарност до родителите на нашите членови, кои преку плаќање на членарина овозможуваат непречено нашиот Ансамбл да ја реализира годишната програма.

Од колку години вие почнавте како играорец? Какво е чувството кога сте на сцена со вашите пријатели што сте ги стекнале од мали, кои и по децении сакаат да заиграат заедно?

– Јас почнав да играм на 7-годишна возраст и до ден денес се’ уште активно. Чувството е прекрасно и неописливо, после толку години повторно заедно со пријателите со кои сме делеле и добро и лошо, да се најдеме и да играме, а по завршената проба и да седнеме на пијалак, да евоцираме спомени од заеднички патувања и другарувања на концертите во Македонија и странство .

Како стоите со членство, доаѓаат ли нови деца со желба да го запознаат фолклорот? Се чини, генерално низ Македонија, за жал, како да опаѓа интересот за изучување на нашите музички корени, а сметка на тоа многу повеќе се учат светски ритми и правци?

– Во АНПО „Скопје” во моментот имаме над 300 активни членови распоредени во неколку групи. Во моментов работиме со учениците во неколку основни училишта во градот, како Дане Крапчев, Кирил и Методиј, Његош, Песталоци итн. Да, точно е дека опаѓа интересот, поготово кај машката популација, меѓутоа јас и мојата сестра имаме долгогодишно искуство како да ги анимираме децата за да дојдат во нашите редови. Во Ансамблот децата покрај тоа што го изучуваат нашиот фолклор, ги воспитуваме, им организираме патувања во земјата и странство. Благодарение на сето ова што го спомнав, меѓу нив се раѓа другарство и заемна почит.

Одите ли на турнеи надвор од Македонија?

– Нашиот Ансамбл е многу активен на меѓународен план. Годишно во просек остваруваме од пет до седум гостувања во странство. Во последните години успешно реализиравме турнеи во: Сардинија, Италија, Шпанија, Франција, Австрија, Холандија, Турција. Воедно сакаме да ја известиме јавноста дека на 7 март, нашиот Ансамбл заминува на повеќедневна турнеа во Сицилија, Италија, каде ќе учествуваме на меѓународниот натпреварувачки фестивал во градот Агригенто во периодот од 9-16 март.

Каква порака би упатиле до родителите? Како да ги заинтересираат повеќе децата за фолклорот?

– Порака до родителите е дека ги оттргнуваме децата од улица и од сите девијантни појави кои се присутни во денешницата. Можат родителите слободно да ги запишат децата кај нас и да знаат дека од нивните деца ќе направиме вредни, културни и корисни членови на нашата заедница.

Сподели