Бесплатна обука за развој на агро-екотуризам организира Земјоделскиот институт од Скопје

„Развој на агро-екотуристички услуги во рурални средини“ е насловена тридневна практична обука за агро-екотуризам, наменета за руралните домаќинства, мали земјоделски бизниси и поединци кои планираат или веќе започнале со развој на агро-екотуристички услуги. Обуката ја организира Земјоделскиот институт од Скопје, а ќе се реализира во два наврата – од 25 до 27 февруари, во „Шато Орман“, во селото Орман, Охридско и од 11 до 13 март во вилата „Молитва“, во селото Лесново. Трошоците за обуката, предавачите, материјалите, менторската поддршка, сместувањето и оброците, се покриени од организаторот. Превозот го обезбедуваат самите учесници, на сопствен трошок. Рокот за аплицирање е најдоцна до 13 февруари, а избраните кандидати ќе бидат информирани најдоцна до 18 февруари.

– Учесниците можат да изберат еден од понудените термини, или да наведат дека им одговараат двата термини. Цел на обуката е да ги зајакне капацитетите на учесниците за развој на одржливи агро-екотуристички услуги преку теоретски и практични алатки, како и примери од пракса. Предност ќе имаат кандидати кои активно планираат или се во почетна фаза да развиваат агро-екотуристички активности, се рурални домаќинства, земјоделски производители или мали локални бизниси, имаат мотивација да воведат нови услуги и да го диверзифицираат својот приход – велат организаторите.

Обуката ќе опфати основи на агро-екотуризам и развој на понуда, креирање автентични искуства, одржливи земјоделски практики, бизнис проекции, промоција и практична работа.

Сите заинтересирани да аплицираат на линкот.

Сподели