Промовирана „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова со илустрации од Рената Јосифовска

„Златната книга на Лудви“ e инспирирана од животот и творештвото на Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, во кој ќе бидат застапени и сликовници инспирирани од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски. Книгите не го обработуваат животот на композиторите, туку претставуваат нови бајки за деца, смислени од авторката Тина Иванова. Со театарска претстава и музичка изведба на најпознатите композиции на Бетовен, во саботата во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ се одржа промоција на сликовницата од Иванова, збогатена со илустрациите на Рената Јосифовска. Изданието го промовираше уредничката Бисера Бендевска, по што се одржа мини-претстава за деца, во која учествуваа авторката Иванова и диригентката Дијана Имери-Илкоска, која беше задолжена и за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано. Настанот се одржа во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ и го проследија многубројни деца и нивните родители.

– Од сè што досега имам издадено, стручни книги, романи, раскази и монографии — објавувањето на овие сликовници ме прави најсреќна, бидејќи се наменети за најискрената и најубавата публика. Книгите се создадени со идеја да ја поттикнат желбата кај децата, но и кај возрасните, да се посветат на класичната музика. Приказните не се инспирирани од детството или животот на музичарите, туку се измислени, но имаат голема поврзаност со карактерите на композиторите и нивните композиции – рече Иванова.

Главниот лик во книгата е малиот Лудви, необично дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.

– Лудви е нетипично дете за денешното време, зашто чита книги, свири пијано, се интересира за природата и вселената и има голема библиотека со книги. Книгата е бајковита и полна со магични елементи. Преку Лудви ја откриваме главната порака на приказната: секој од нас има свој талент, само треба да го следи својот сон и да ги реализира своите идеи – рече Иванова.

За време на „Денови на литературата“, на 21 февруари (сабота) во 18 часот, „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана и втората книга од истата едиција – „Магичната флејта на Вулфи“ исто така со текст на Тина Иванова и илустрации на Рената Јосифовска.

Програмата на „Денови на литературата“ продолжува и оваа недела. Од вторник до недела, во утринските часови, во книжарниците „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“ и во „Сити мол“ ќе се одржат едукативни работилници за деца и ученици. Утревечер во 20 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи промоција на новата стихозбирка „Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски, во издание на „Арс Ламина“. Промотор на книгата ќе биде Иван Џепароски.

Сподели