Пишува: Пиле Шарено
Смешен збор: зјапање! Дури не бев сигурна дека постои во македонскиот речник. Долго гледање во некого со отворени очи, без да трепнеш!
Зјапав во него и се смеев… Непрекинато се смеев на сè што ќе кажеше и зјапав во неговото убаво лице, во неговата уста подзаскриена зад сребрената, потстрижена брада, во неговите загадочни темно-зелени очи, во неговото младешко срце, стројното тело, иако беше во години, и убавите раце створени за животната професија со која се занимаваше. Беше оператор. Дури и сега во пензија, прстите му беа брзи и вешти, кога ми демонстрираше како врзувал јазол по извршен зафат, небаре беше волшебник! (’А не умеев да врзам вратоврска, ми рече на шега!‘). Се срамам да кажам заради мојата одмината возраст, ама го спуштав погледот удолу, меѓу неговите нозе и зјапав на местото каде шлицот на кратките карго панталони, опасно се затегаше. Зјапав и се смеев како некој да ме удрил по глава и ме зашеметил: „Што се церекаш“ ме прашуваше, со насмевка во очите. Не бев во состојба да изустам ништо друго освен:,те сакам, те сакам, те сакам… ‘ Толку често, што еден ден ми рече: „Добро де, ајде, кажи нешто друго“. Пак се смеев ама скиснато.
Мина време. Тој замина преку Океанот. Јас и натаму наоѓав дека не сум видела попривлечен човек од него. Продолжив да зјапам во неговите фотографии, што ми ги испраќаше од време на време. Продолжив да се смеам на неговите досетки, што ми ги пишуваше. Ама, избегнував да напишам: „те сакам“.
Еден ден добив порака: „Пиле шарено, зошто не ми велиш како порано: ,те сакам‘?“
Насловна фотографија: Википедија / Автор: By BrendelSignature at English Wikipedia, CC BY 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=7069270





