„Крафтверк“ во Скопје на 25 јули

Со својата нова турнеја Multimedia 2026, на 25 јули на Стадионот на АРМ ќе гостува легендарниот бенд Kraftwerk – бендот без кој во музиката многу работи немаше да бидат тоа што се: од електро до хип хоп, од техно поп до синт поп. Овој состав го вклучи Скопје во својата новатурнеја со голем open air концерт. Електронски визионери, добитници на „Греми“ за животно остварување и членови на Rock & Roll Hall of Fame, „Крафтверк“ се институција и уметничка сила која засекогаш го смени начинот на кој ја доживуваме музиката, технологијата и лајв-перформансот и, 50 години подоцна, се’ уште го менува.

Во време кога вештачката интелигенција станува сеприсутен дел од нашето секојдневие, кога сѐ почесто се отвораат прашања за тоа како технологијата нѐ менува и обликува, Скопје ќе го пречека бендот кој прв ја постави дилемата за симбиотската врска помеѓу човекот и технологијата. Kraftwerk се можеби највлијателниот бенд во историјата на поп музиката; нивното влијание одамна ги надмина рамките на електронската музика и се прошири и во други жанрови како хип – хоп, рок, поп…

„Крафтверк“ никогаш не биле бенд со концептуален албум – самите тие се концепт, проект во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата, идеологијата и лајв перформансот функционираат како едно кохерентно уметничко дело.

Влезниците ќе бидат во продажба од задутре (28 јануари)во 10 часот наутро онлајн на avalonbooking.mk и во продажната мрежа на karti.com.mk низ Македонија.

Сподели