Промоција на македонскиот јазик и култура се одржа на Институтот за словенска филологија при Јагелоњскиот универзитет во Краков, Полска, a ја организираше м-р Елена Мицевска-Змејкоска, лектор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта одржа предавање „Рецепција на македонскиот современ роман во унгарската книжевна и културна средина“ на Институтот за славистика пред студентите на Лекторатот по македонски јазик. Студентите беа поздравени од македонскиот амбасадор во Полска, Јасмин Ќахил и од раководителот на Катедрата за бугарска и македонска филологија, проф. д-р Јан Страдомски. Амбасадорот го истакна огромното значење на ваквите настани за промоција на македонската култура и за зближувањето на нашите два народи и култури.

Во краковското кафуле „Леа бистро“, унгарското музичко дуо „Будапесме“ одржаа концерт на изворна македонска музика. Концертот предизвика огромен интерес кај Полјаците и Македонците кои живеат во Краков. Во кафулето беше отворена и изложбата насловена „Мистична Македонија“ на младата уметница Јана Борбала Панзов.
Златко Панзов е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта.

Јана Борбала Панзов е ученичка е во средното-уметничкото училиште „Имре Мадач“ во Вац, Унгарија. Таа зад себе веќе има неколку реализирани проекти. „Будапесме“ се унгарско музичко дуо составено од Вероника Варга и Бенедек Рети, вљубеници и промотори на македонската народна музика и балканскиот мелос. Во 2025 година тие го снимија својот прв албум на македонски народни песни насловен „Македонија“. Гости на албумот се Наум Петрески, Мишел Трајковски и проф. д-р Горанчо Ангелов. Албумот содржи осум изворни македонски песни. Годинава е планирана промоција на снимениот материјал и концертни промоции низ повеќе унгарски градови и Скопје.





