„Љубовта што останува“, исландскиот кандидат за „Оскар“, во киносалите

„Љубовта што останува“ во режија на Хлинур Палмасон, познат по филмовите „Божја земја“ (2022) и „Зимски браќа“ (2017), се прикажува во киносалите низ Македонија. Во Скопје може да се гледа во киното „Синеплекс“. Станува збор за интимна семејна студија за постфестумот на тивок раскин на бракот, но во суштина функционира како низа внимателно компонирани моменти, а не како класична приказна со почеток, разработка и крај.

Филмот следи една година од животот на едно исландско семејство за време и по разделбата на нивните родители, но наративната линија е свесно разредена, речиси непостоечка. Палмасон тука не гради заплет, туку атмосфера: времето, просторот и емоциите се лизгаат еден во друг без потреба од јасен драматуршки лак. Палмасон е режисер, сценарист, директор на фотографија и извршен продуцент на овој филм, што му дава, практично, целосна контрола.

Филмот е исклучително снимен – секој кадар изгледа промислен, прецизен и физички опиплив – а во исто време е необично хумористичен и изразито жив. Хуморот се раѓа од ситници, од апсурдни ситуации кои како одеднаш да произлегуваат од секојдневниот живот. Токму овие надреални испади го претставуваат неговиот најсилен адут: сцените во кои реалноста малку пука по шевовите, како што е секвенцата во која џиновски петел го напаѓа главниот лик додека тој го гледа „Чудовиштето од Црната лагуна“ на својот лаптоп, изгледаат истовремено комични, вознемирувачки и крајно ослободувачки.Ова се моментите во кои филмот најјасно ја покажува својата поетика – оној во кој емоцијата и асоцијацијата имаат предност пред приказната. „Љубовта што останува“ е, во таа смисла, квинтесенцијален филм без заплет, но со силно чувство за живот каков што е: хаотичен, фрагментиран и често топол и духовит. Кучето Панда е спектакуларно, таа е еден вид панда на Леа на Ѓорѓевиќ од филмот „Ветра, те сакам“, а во Кан, каде што филмот премиерно беше прикажан, ја освои „Златната палма за кучиња“.

„Љубовта што останува“ посети бројни филмски фестивали, почнувајќи од оној во Кан, каде што ја имаше својата целосна светска премиера, а потоа преку фестивалите во Сан Себастијан, Торонто, Њујорк… Во нашата земја, филмот премиерно запошнува на 22 јануари 2026 година. Филмот е зборуван на исландски и англиски јазик. Исто така, „Љубовта што останува“ беше официјален национален претставник на родниот Исланд во трката за „Оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм.

Сподели