„Грешници“ освои рекордни 16 номинации за „Оскар“, три помалку има „Една битка по друга“

Филмот „Грешници“ (Sinners) во режија на Рајан Куглер освои рекордни 16 номинации за 98. церемонија на „Оскар“, објави вчера Американската академија за филмски науки и уметности. Овој филм успеа да го собори досегашниот рекорд од 14 номинации, што го држеа „Сè за Ева“, „Титаник“ и „La La Land“.„Една битка по друга“ на Пол Томас Андерсон доби 13 номинации, додека „Марти Суприм“, „Франкенштајн“ и „Сентиментална вредност“ – по девет.

Сцена од „Една битка по друга“

Филмот „Грешници“, сместен во Америка од 1930-тите, во време на сегрегација и прохибиција, комбинира историска драма, блуз-естетика и елементи на хорор. Во центарот на приказната се близнаци гангстери кои планираат да отворат илегален бар, а ги толкува Мајкл Б. Џордан, кој е номиниран за најдобар актер. По објавувањето во април, „Грешници“ стана филмот со најголема заработка во САД во последните 15 години, од Inception на Кристофер Нолан. Неговиот пат до големото платно беше обележан со скептицизам и многу дебати во филмската индустрија, но филмот брзо ги разби сите сомнежи.

Сцена од „Сентиментална вредност“

Оскарите ќе се доделат 15 март, во „Долби“ театарот во Лос Анџелес.

Ова се номинациите во поважните категории:

Најдобар филм

Бугонија
Ф1
Франкенштајн
Хамнет
Марти Суприм
Една битка по друга
Тајниот агент
Сентиментална вредност
Грешници
Воз соништа

Најдобар режисер

Пол Томас Андерсон, Една битка по друга
Рајан Куглер, Грешници
Џош Сафди, Марти Суприм
Јоаким Триер, Сентиментална вредност
Клое Жао, Хамнет

Најдобар актер во главна улога

Тимоте Шаламе, Марти Суприм
Леонардо Ди Каприо, Една битка по друга
Итан Хок, Сина месечина
Мајкл Б. Џордан, Грешници
Вагнер Моура, Тајниот агент

Најдобра актерка во главна улога

Џеси Бакли, Хамнет
Роуз Бирн, Ако имав нозе, ќе те шутирав
Кејт Хадсон, Song Sung Blue
Ренате Рејнсве, Сентиментална вредност
Ема Стоун, Бугонија

Споредна машка улога

Бенисио дел Торо, Една битка по друга
Џејкоб Елорди, Франкенштајн
Делрој Линдо, Грешници
Шон Пен, Една битка по друга
Стелан Скарсгард, Сентиментална вредност

Споредна женска улога

Ел Фенинг, Сентиментална вредност
Инга Ибсдотер Лилеас, Сентиментална вредност
Ејми Мадиган, Оружје
Вунми Мосаку, Грешници
Тејана Тејлор, Една битка по друга

Адаптирано сценарио

Бугонија
Франкенштајн
Хамнет
Една битка по друга
Соништа за воз

Оригинално сценарио

Сина месечина
Беше само несреќа
Марти Суприм
Сентиментална вредност
Грешници

Ова се сите категории и номинации за 98. „Оскари“

Сподели