„17“ е авторски крик за будење на општеството, изборот на Берлинале е доказ дека македонскиот филм има потенцијал

Македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ и продукција на Томи Салковски ќе се натпреварува за награда на Меѓународниот Филмски Фестивал во Берлин, еден од најпрестижните филмски фестивали на светско ниво. Филмот е дел од селекцијата „Перспективи“ која опфаќа исклучителни филмски таленти ширум светот кои дебитираат на интернационалната филмска фестивалска сцена. Оваа селекција на филмови е од компетитивен карактер, а дава особена важност на уникатните перспективи со храбар кинематографски израз.

За домашната кинематографија, учеството на македонски филм во ваква светски афирмирана селекција значи потврда дека нашата земја продолжува да биде расадник на филмски таленти кои ја обликуваат модерната македонска кинематографија и ја промовираат Македонија надвор од границите на земјата, на светско ниво.

-Филмот „17″ претставува авторски крик за будење на општеството. Темата на филмот директно ги третира проблемите на новите генерации, кои не сакаме да признаеме дека постојат. Успехот на филмот кој, несебично го очекував уште во фазата на неговите подготовки, се случи. Селекцијата во програмата „Перспективи“ на Берлинале е потврда дека навистина на филмот му претстои светла иднина. Соработката со Косара Митиќ на нејзиниот долгометражен првенец и младата актерска екипа, потврдуваат дека македонскиот филм може и има потенцијал – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

Седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и таа ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.

– Од самиот почеток знаев дека ова не е приказна што можам да ја „прифатам“, посебно на мојот прв долгометражен филм. Вистинскиот настан зад “17“ носи тежина надвор од киното, па затоа мојата прва одговорност беше етичка, а не уметничка. Формално, се спротивставив на сензационализмот, работејќи наместо тоа со отсуство и воздржаност. Она што останува невидено или неискажано одразува како насилството често се нормализира или игнорира. Филмот не нуди одговори – тој ја замолува публиката да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. Благодарам пред се на актерската екипа која не само професионално, туку и лично длабоко навлезе во улогите пред камерата“, изјави Косара Митиќ, режисерка на „17“.

Сценариото за „17“ е инспирирано од настан од реалниот живот. Филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски Филмски Фестивал.

Продукцијата на филмот започна во април, 2024 година. Снимањето беше реализирано во Скопје, Битола и на други локации низ државата. Меѓународната продажба на филмот ја преземаат реномираните „Tотем филмс“ со седиште во Париз, кои низ годините успешно пласираат филмски дела на автори коишто отвораат нови перспективи, поттикнуваат емоции и размисла.

Играат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Јован Тодоров, Ирена Димеска, Мина Јелушиќ, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Жаклина Стефковска Дрнасин, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Александра Пешевска, Симеон Дамевски.

Кинематографер е Наум Доксевски, монтажер – Владимир Павловски. Сценографијата е на Дејан Ѓошевски, Александра Чевреска, а костимите – на Жаклина Крстевска Караѓозоска.

Косара Митиќ е родена 1987 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек Филмска и ТВ режија во 2013 година во класата на проф. Столе Попов. Досега режирала неколку кратки филмови, меѓу кои „Црвената соба“ (2016), „Роденден“ (2015) и „Намини бар еднаш“ (2013) кои биле прикажани на повеќе од 20 фестивали ширум светот.

Актерката Ева Костиќ вели дека прво ја плашело сценариото, но откако почнале разговорите со Косара и со тимот, имале многу проби и имале долг интересен процес, емотивен. Бевме многу добро запознаени со сите ликови и со приказната.

Младата актерка Мартина Даниловска истакна дека и покрај тоа што биле на блиска возраст, требало да се вратат на некои претходни искуства од тинејџерските години.

-Тишината што ја има филмот беше многу важна. Косара многу често знаеше да ни дофрла од страна, за да може таа тишина да биде активна. Токму тој процес на ослободување на ранливоста, придонесе за сугестивност во играта – рече Мартина.

Се работеше со повеќе од 25 млади луѓе, некои се студенти, некои се натрушчици.

-Беше огромен предизвик, зашто кога работиш со млади и уште допрва треба да се градат, многу повеќе даваат и повеќе можеш да земеш од нив. Имавме специфичен начин на работа.

Томи Салковски вели дека баш учеството на младите било голем предизвик, оти 20 и нешто деца што се на сет, тоа повлекува многу голем влог на екипата – шминка, костими. Имаме фантастичен микс на искусни актери и најперспективни од друга страна. Морам да ги пофалам младите, дека се толку фантастични, што сите од тимот бевме многу изненадени.

Сашко Мицевски истакна дека ова не е само успех на Косара како режисерка, на продукцијата и на Агенцијата, туку е успех од национална важност.

-И сите треба да сме горди што ќе ја претставуваме државата на Берлинале. Продуцентот има историја на успеси, Косара е една од тие авторки, претставнички на женскиот бран исклучително надежни, перспективни. Таа има три претходни кратки филмови (Намини бар еднаш, Роденден и Црвената соба), таа е одличен пример за автор што се развива органски. Јас се надевам дека филмот нема да заврши само со премиера на фестивал и во Македонија, туку ќе се гледа насекаде, пред се’, публиката во земјава – рече тој.

Сподели