Крводарителска акција посветена на хуманоста и делото на Тоше Проески ќе се одржи в недела (25 јануари) во холот на Домот на АРМ во Скопје од 9 до 17 часот. Акцијата се одржува на денот на неговиот роденден. Денеска ќе полнеше 45 години.
– Во рамките на традиционалните крводарителски акции на Црвениот крст на Град Скопје, акцијата ја посветуваме на нашата музичка ѕвезда Тоше Проески, кого и покрај тоа што прерано нè напушти, засекогаш ќе го паметиме како симбол на хуманост. Оваа крводарителска акција веќе прерасна во препознатлива и традиционална хуманитарна активност во Скопје, која секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе кои во ликот и делото на Тоше препознаваат позитивен пример – велат од Црвениот крст.
Досега, преку овие крводарителски акции се собрани над 6.000 единици крв. Според организаторите, охрабрувачки е големиот број млади и првократни крводарители кои активно се вклучуваат во акцијата, инспирирани од пораките што ги пренесуваше Тоше.
– Доброволното крводарителство во нашата земја има една јасна и благородна цел – да се мотивираат што поголем број граѓани доброволно да даруваат крв, со што ќе се обезбедат неопходните количини крв и крвни продукти за навремено и успешно лекување на болните и повредените. Крводарителството ги негува вредностите на хуманост и солидарност, особено кај младите и придонесува за подигнување на здравствената култура и јавната свест. Крвта, како лек, сè уште е незаменлива и нејзиното обезбедување зависи исклучиво од хуманоста и добрата волја на крводарителите, кои доброволно, анонимно, бесплатно и солидарно даруваат крв. Затоа, мотивирањето и вклучувањето на населението во вакви акции е од исклучително значење за градење позитивен однос кон крводарувањето и за спасување човечки животи – велат од Црвениот крст.
Во организација на акцијата се вклучува и Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, со поддршка на Институтот за трансфузиона медицина.





