Жално е што во Македонија, поготово во Скопје, немаме каде да ги прикажуваме филмовите. Освен мултиплексот „Синеплекс“, чија намена и не е ниту да прикажува типови на филмови што не се блокбастери. Ние создаваме македонска култура. Постојат два типа филмови – теоретски – филмови што забавуваат и тие што отвораат проблеми, социјални, политички и какви било. Јас лично сум повеќе фокусиран на втората група, мене не ме интересира забавата во филмот, истакна продуцентот Томи Салковски, на вчерашната прес-конференција за филмот „17“ по повод неговата светска премиера на Филмскиот фестивал во Берлин во февруари.
Меѓу другото, беше отворена темата за немањето услови за киноприкажување во Скопје и низ Македонија.
-Ние дефинитивно имаме многу проблеми, имаме за извоз на сите држави да им дадеме за да снимаат филмови. Пред некое време разговаравме и со Министерството за култура да се најде некој начин да се возобнови некое кино, за да можеме филмовите да ги прикажуваме. Останавме само на Кинотека на кое не и’ е ни дејност ни работа да ги прикажува новите филмови, ами да прикажува ревии. Суштински проблем е немањето киносали и треба сите да се вклучиме во оваа мисија – и Министерството и Агенцијата за филм и ние како филмаџии. Ваков тип на филмови, оваа енергија треба да се рашири низ младите. Не сум многу застапник на форсирање на школи и да одат децата со сила и мислам дека ако е добар, сите ќе сакаат. Дефинитивно е изгубена македонската кинопублика. Морам да ги пофалам театарџиите, кои успешно ја вратија публиката, а пред 20 години беше обратно, беше во полза на филмот. Сега е обратно. Со негрижа кон киното, ние немаме кинопублика. Мора да се преземат мерки, особено што сакаме Скопје да биде Европски град на културата во 2028 година – истакна Салковски.
На темата се надоврза и Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм. Тој истакна дека со измените во Законот за филм, во одлучувањето за поддршка на нови филмови, продуцентите ќе бидат оценувани и според тоа колку нивните претходни филмови биле гледани од публиката.
-Ова е една од моите поголеми болки. Навистина боли фактот дека даночните обврзници плаќаат за секој создаден филм, а истите немаат услови да го гледаат. 90 отсто од филмовите… Има дискусии како да се решат. Агенцијата моментално го прави е дека треба да се земе предвид колку претходните филмови на продуцентите биле прикажувани во Македонија. Убаво е се, да се прикажуваат филмовите на фестивали, но има еден куп продуценти кои продуцираат филмови што ќе го видат минимален број луѓе на некој мал фестивал, но има и продуценти што се трудат да го донесат до публиката. Ќе засилиме како продуцентите, да имаат законска обврска да го прикажат на МТВ, доколку не го направат тоа, ќе бидат казнети во наредните десет години, со измени во закон ова. Бројките на прикажување се фрапантни. 45 луѓе гледале филм за кој Македонија дала грдни пари, на пример во декември. Во следниот конкурс ќе се обидуваме тие бројки да влијаат и на тоа дали некој ќе добие проект. Сите можни механизми ќе бидат активирани – истакна тој.





