Драмскиот театр од Скопје вчера ја одржа првата проба за претставата „Ова е само крајот на светот“ по истоимената драма на Жан-Лик Лагарс. Преводот, адаптацијата и режијата се на режисерката Теа Беговска. Ќе играат: Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ. Сценограф и костимограф на претставата е Надиа Василева од Бугарија, музиката е на Енес Беговски.
Роберт Вељановски, директор на театарот истакна дека се радува што 2026-та година се започнува со подготовка на овој познат текст на Жан-Лик Лагарс кој има и своја филмска верзија.
„Ова е само крајот на светот“ е првата претстава што се подготвува во Драмски во годината кога театарот го обележува 80-годишниот јубилеј. Премиерата се планира за 7 март. Станува збор за длабока семејна психолошка драма. Режисерката Беговска истакна дека ликовите ги поистоветила токму со актерите што ги одбрала во оваа поделба на улогите.
– Верувам дека во процесот на подготовките на претставата сите заедно многу ќе истражуваме и ќе создадеме една моќна
претстава за дисфункционалното семејство во кое навидум сите се на број, но секој го живее својот индивидуален проблем и најважен процес е одложувањето да се каже вистината – истакна Беговска.
Драмскиот текст на претставата „Ова е само крајот на светот“ започнува со реченицата што ја изговара Луис: „Еве сум по десет години, дванаесет поточно… Значи по дванаесет години отсуство, и покрај мојот страв, решив да одам да ги видам. Во животот постојат многу причини за отсуство кои се само твои и не го допираат никого освен тебе самиот. Причини
поради кои си решил да заминеш без да погледнеш назад… Од друга страна постојат исто толку причини кои те тераат сепак да се вратиш назад. И така, по сите овие години одлучив да се вратам. Да се впуштам во оваа авантура, да отпатувам… да ја објавам мојата смрт. Да ја објавам јас, лично, и да се потрудам да им ја докажам на другите и на себеси, за последен пат, илузијата за тоа дека до крајот… јас сум господар на сопствениот живот. Да видиме како ќе се
случи тоа“.





