Панче Наумов, еден од највлијателните научници во светот, стана член на Европската академија на науките

Македонскиот хемичар Панче Наумов стана член на Европската академија на науките (European Academy of Sciences), во Одделението за хемија. Наумов во 2022 година беше избран за член надвор од работниот состав на Македонската академија на науките и уметностите. Тој е еден од македонските научници кои се на листата на 2 отсто највлијателни научници во светот што ја објавува Универзитетот „Стенфорд“. За членство во Европската академија на науки бил номиниран од минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, професор на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД, а неговата номинација била поддржана од научници од Франција и Финска, пренесе МИА.

Наумов е насловен вонреден професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Роден е во 1975 година во Штип, каде завршил основно и средно гимназиско образование. Во 1992 се запишал на студии по хемија на Институтот за хемија при ПМФ, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што како најдобар студент во генерацијата, под менторство на проф. Глигор Јовановски, дипломирал во 1997 година.

По дипломирањето се запишал на постдипломски студии и како стручен соработник на Институтот за хемија учествувал во изведувањето на вежби од наставата по група предмети од општа и неорганска хемија. Во 2000 година добил престижна стипендија од јапонската влада и по една година се запишал на докторски студии на Одделот за хемија и наука за материјалите при Токискиот институт за технологија во Јапонија, каде што со дисертацијата под наслов „Фотоиндуциран трансфер на протони и водородни атоми кај кристални бензилпиридини потпомогнат од нитро групата“ под менторство на проф. Јуџи Охаши докторирал во 2004 година. Оттогаш работи во Интернационалниот центар за млади научници при Националниот институт за наука за материјалите во Цукуба, Јапонија. Во 2006 година бил избран за насловен доцент на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје. Од 2012 година работи на Универзитетот „Њујорк“, каде сега работи во нивните кампуси во Њујорк и Абу Даби.

Главно подрачје на научен интерес на Наумов е структурната хемија, а особено кристалографијата, фотохемијата, како и класичните и временско-разделените дифракциски методи.

Сподели