Скулпторката Нела Јанковска ја претстави Македонија на 10. Пекиншко меѓународно уметничко биенале кон крајот на декември во Пекиншкиот изложбен центар. На изложбата чија тема е „Соживот“ се прикажани приближно 600 современи уметнички дела од речиси 120 земји и региони. Станува збор за тематски изложби, специјални изложби и изложби фокусирани на земјите, кои се занимаваат со теми како што се мирен развој и еколошка цивилизација, со цел ефикасно да ги раскажат приказните за Пекинг, Кина и светот. Изложените дела опфаќаат не само традиционални уметнички форми како сликарство и скулптура, туку истакнуваат и категории како што се дигиталната уметност и видеото. Целта на настанот е да се истражат нови концепти во уметничкото творештво, да се стимулира творештвото на уметниците и да се зголеми меѓународната дискурзивна моќ и влијание на современата кинеска уметност.

Нела Јанковска се претставува со делото „Метаверзум конекција“, скулптура изработена од отпадни материјали. Како основа и конструкција на скулптурата е користен метал, а сè друго е пластика и видеолента (полипропилен), кабли и други делови од електронска технологија. Ова дело претставува хармонична коегзистенција на човекот и технологијата. Заедничкиот просперитет на односот човек-машина стана голем предизвик со кој нашата колективна мудрост мора да се соочи денес. Во своите скулптури Јанковска најчесто користи пластика и видеоленти и разни најдени предмети, воглавно отпадни материјали од гума и пластика, производи на масовната култура, технологијата и потрошувачкото општество. Со нив таа укажува на светот во кој живееме – преполн со информации, отпад и краткотрајни вредности.
Организацијата на гостувањето на делото на Јанковска стручно и логистички го помогна Ѓорѓи Костовски, кустос историчар во Градски музеј Крива Паланка.

Нела Јанковска
Нела Јанковска е родена во 1971 година во Крива Паланка. Во 1994 година дипломира на ФЛУ Скопје, во класата на проф. Стефан Маневски. Од 1995 е редовен член на ДЛУМ. Има над 30 години активно творечко искуство и има земено учество на повеќе групни изложби, колонии и има реализирано неколкуи самостојни изложби. Добитник е на наградата за скулптура„Стефан Маневски“ што ја доделува Сојузот на ликовни педагози на Македонија (2005), наградата на ДЛУМ „Јордан Грабул“ (2008) и на годишната награда за скулптура на ДЛУМ (2023) за скулптура „Метаверзум-средба“, која претставува концепти за виртуелни и проширени универзуми и комуникација помеѓу светови, како и хуманоидни форми.
Изложбата ќе трае до 28 јануари 2026 година.





