Претставата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје ќе ги отвори Деновите на независниот театар во Драмски, вечерва во 20 часот. Режисер на претставата е Војо Цветановски, а улогите ги толкуваат: Енџи Николовска и Бојан Лазаров.
Перформансот „СамоТи(И)Ја“ претставува кореодрама која обработува универзална, силна и длабоко емотивна тема – вечната човечка потрага по љубов и припадност. Концептот на перформансот се развива околу идејата дека љубовта може да дојде прерано, предоцна, да ја одминеме без да ја препознаеме или да помислиме дека никогаш нема да се појави, сѐ додека ненадејно не нѐ допре во најнеочекуваната и најубавата форма.
Во рамките на перформансот се истражува односот помеѓу две личности кои постојано се трагаат меѓусебно низ различни физички, емоционални и инстинктивни форми. Посебен акцент е ставен на сетилното истражување –
допир, поглед, мирис – при што мирисот станува првиот импулс, водилка што ги насочува ликовите во нивната потрага по другото „јас“ – појаснува Цветановски.





