Предавање на Дамјан Алексиев за Светскиот ден на логиката

Онлајн предавање на тема: „Втемелувањето и неговата епистемологија“ со д-р Дамјан Алексиев ќе се одржи денеска во 12 часот, по повод Светскиот ден на логиката. Предавањето го организираат Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија, а сите заинтересирани може да го проследат на линкот.

Дамјан Алексиев е постдокторски истражувач при Универзитетот во Виена (Universität Wien), оддел филозофија, каде што првенствено работи на проект чија тема е природата на метафизичкото објаснување, финансиран од Австрискиот научен фонд (FWF). Освен на тековниот проект, работел и како предавач при Универзитетот. Докторските и магистерските студии ги завршил на Централниот европски универзитет, а дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавувано трудови на тема метафизика на свеста и метафизичкото објаснување во Journal of Consciousness Studies, Journal of the American Philosophical Association и Synthese. Заедно со Јаник Капез (Yannic Kappes), Алексиев е ко-уредник на зборникот Epistemology of Grounding, којшто наскоро ќе биде објавен од Cambridge University Press.

Светскиот ден на логиката е востановен од УНЕСКО и од Меѓународниот совет за филозофија и хуманистички науки. Почнал да се одбележува на 14 јануари 2019 година со идеја да се подигне свесноста за значењето на логиката, како една од темелните филозофски дисциплини за развојот на човековите знаења во сите области и за унапредување на културата на дијалогот и заемното разбирање. Датимот е поврзан со двајца големи великани на современата логичка мисла – Алфред Тарски (роден на 14 јануари 1901 година) и Курт Гедел (починал на 14 јануари 1978 година).

Сподели