Василичарска „Диско вечер“ со Ана Петановска и гости од Данска, В. Британија и Германија

Поинакво, современо и жанровски отворено сценско доживување ќе донесе традиционалниот гала концерт што ќе се одржи вечерва и утревечер во 20 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Под наслов „Диско вечер“, концертот ќе го диригира Џијан Емин. Ќе настапат: Ана Петановска, како и гости од странство – Даниел Ситрит и Мартин Лин (Данска), Џудит Беноа (В. Британија) и Клара Лукас (Германија).

Во фокусот на програмата се најпознатите диско и поп хитови од 70-тите и 80-тите години – период кој остави длабока трага во колективната музичка меморија и културната историја на неколку генерации. Публиката ќе има можност да слушне безвременски композиции поврзани со имиња како Глорија Гејнор, Дона Самер, ABBA, „Би Џиис“, Мајкл Џексон и други, но во ново звучно руво – преку симфониски и џез аранжмани, создадени специјално за оваа концертна пригода.

„Диско вечер“ не е само носталгично навраќање кон музиката од минатото, туку и нејзино креативно преосмислување. Со ваквиот пристап, популарната музика се поставува во контекст на современа концертна естетика, отворајќи дијалог меѓу класичната сцена и поп-културата, меѓу институционалната уметност и колективното сеќавање.

На сцената ќе настапат домашни и странски популарни пејачи, заедно со Оркестарот на Македонската Национална опера и балет и Националниот џез оркестар. Оваа соработка носи богат звучен спектар, динамика и ритмичка разновидност, создавајќи концертно искуство што ги надминува жанровските граници и ја афирмира музиката како универзален јазик.

„Диско вечер“ е повеќе од концерт – таа е симболична прослава на музиката што ги поврзува генерациите, ги надминува времињата и ги спојува различните музички светови во едно заедничко сценско доживување.

Сподели