Ова меѓународно истражување ги анализира причините за исчезнувањето на ретките растителни видови во Македонија и Босна и Херцеговина. Преку сведоштва и разговори со експерти, се откриваат слабостите во системот на заштита, додека австрискиот модел покажува дека со јасни надлежности, стабилно финансирање и едукација, заштитата може да функционира.
Пишуваат: Александар Манасиев, Амина Бијелонја Муминовиќ, Харун Муминивиќ
Надица Маџирова е еко-активист од Богданци, мало гратче на југот на Македонија, веднаш до границата со Грција. Таа работи во земја во која јавноста далеку повеќе ги препознава заштитените животински видови како балканскиот рис или охридската пастрмка отколку растенијата што тивко исчезнуваат под нозете на луѓето. Затоа не е изненадувачки што малкумина слушнале за меурестиот козинец, критично загрозено растение што Надица упорно се обидува да го заштити пред да стане дел од минатото.

Надица Маџирова / Фото: Александар Манасиев
Ја сретнавме на есен, кога меурестиот козинец сè уште не е изникнат, но таа сепак го носеше со себе, на својата маичка, како симбол и потсетник. Во Богданци ова ретко растение има свој централен мурал, што го прави градот еден од ретките во земјата што свесно ја истакнува важноста на загрозените растителни видови.
– Во Македонија меурестиот козинец вирее само тука, во Богданци. Во светот постојат уште две или три места каде што го има и тоа ја прави неговата ранливост огромна – вели Надица Маџирова.
Според македонското Министерство за животна средина, меурестиот козинец е критично загрозен вид. Неговата популација постои само на мала, ограничена површина. Расте на надморска височина меѓу 220 и 330 метри, на површина од околу 6 километри квадратни каде се останати само околу 2.200 единки.
На локацијата каде опстојува се одвиваат градежни и други човечки активности кои може да го загрозат видот. Во близина е изграден цевковод за водоснабдување од Ѓавато до Дојранското Езеро. Гасоводот минува блиску, но за среќа засега не ја оштетил популацијата. Над локалитетот Чурчулум, каде што растението вирее, се издигнуваат ветерниците, а самата локација е често изложена на пожари.
Организацијата за која Маџирова работи, „ Полимат 13“ спроведува низа проекти за заштита на меурестиот козинец и за подигнување на свеста на локалното население за неговото значење.
– Кога почнавме, локалното население воопшто не знаеше дека постои ваков значаен вид. Сега веќе почнуваат да го препознаваат како наша вредност – објаснува таа.
Додава дека кога се граделе ветерниците никој не водел грижа за ова растение и не се знае дали имало влијание врз популацијата, но вели дека сега има и нова опасност.
– Со експанзијата на енергетски објекти и фотоволтаиците, тоа станува нова опасност за меурестиот козинец – вели Маџирова.
Земја со богата флора
Меурестиот козинец е само едно мало растение, ограничено на неколку хектари над Богданци, но неговата приказна лесно се вклопува во многу пошироката слика. Македонија е земја со богата флора. Има меѓу 3.200 до 4.000 видови растенија што е повеќе од една четвртина од целата европска флора и околу половина од флората на Балканскиот Полуостров.

Теренски истражувања во Македонија / Фото: „Полимат 13“
Но и покрај тоа богатство, државата сè уште нема официјално усвоена национална Црвена листа на загрозени растителни видови. Ова го потврдува и академик Владо Матевски, водечки природонаучник и ботаничар во земјата.
– За жал Македонија не располага со Црвена листа за нејзината флора. Тоа е обврска на државата да ја изработи со сопствени финансиски средства – вели Матевски кој додава дека како сиромашна држава зависиме за вакви активности од меѓународни донатори.
Наместо системски преглед, постои само приоритетна листа подготвена како основа за идната Црвена листа, од која досега е проценет мал дел од видовите.
Токму поради тоа, растенија како меурестиот козинец остануваат ранливи: опстануваат на мал простор, зависат од специфични услови, а формалната заштита не е доволно развиена за навремено да го препознае и спречи нивното исчезнување.
Матевски вели дека постојат видови што денес ги имаме само во хербариските примероци, а во природата веќе ги нема.
– Поопасно е да исчезнат видови кои се исклучиво присутни на нашиот простор, ендемичните и реликтните видови. Доволно е да се наруши само еден услов во нивното живеалиште и тоа може да биде катастрофално и да доведе до исчезнување – објаснува Матевски.
Според академик Матевски, најголемите опасности за ретките растителни видови се уништувањето на живеалиштата преку градежни интервенции, патишта, рударски и енергетски проекти што често се поставуваат токму на биолошки највредните подрачја.
Дополнителен ризик создава фактот што научните предупредувања ретко се почитуваат, а ендемичните и реликтните видови, многу чувствителни на дури и најмала промена, не можат да се адаптираат и затоа брзо исчезнуваат.
– За жал, научната фела укажува на биолошката вредност на одреден простор, но ретко се случува инвеститорот или проектантот да го напушти проектот и покрај фактите изложени во извештаите – вели тој.
Закани за растителните видови
И од Министерството за животна средина признаваат дека бројните закани го доведуваат во прашање опстанокот на ретките растителни видови. Според нив, најкритични се неконтролираната урбанизација, комуналниот отпад, слабата примена на законите, загадувањето на подземните води, прекумерната употреба на хемиски средства во земјоделството, палењето на вегетацијата и сè поизразените ефекти од климатските промени.
Иако од Министерството побаравме податоци за инспекциските контроли и казни поврзани со нелегално берење заштитени растенија, од таму одговорија дека со такви информации не располагаат. Наместо конкретни бројки, нè упатија на Државниот инспекторат за животна средина, единствената институција што води евиденција за овие прекршоци.
Мапа на загрозени растителни видови во Македонија
На терен надзорот врз заштитените растенија останува клучен сегмент во спречување на нивното исчезнување. Затоа, во последните три години инспекторите спровеле околу 200 контроли поврзани со собирањето и извозот на загрозени растителни видови.
– Управувачите со заштитени подрачја до нас поднесуваат пријави за нелегално берење и уништување на засегнати и заштитени диви видови растенија со што од наша страна издадени се решенија со опомена и забрани за собирање и уништување како и прекршочни налози за движење на ратраци кој предизвикуваат уништување на засегнати и заштитени диви видови растенија – велат од Државниот инспекторат за животна средина.
Во оваа институција има само тројца државни инспектори за заштита на природата кои вршат надзор во заштитените подрачја и по потреба со придружба од чуварската служба од заштитеното подрачје вршат и заеднички теренски увиди.
– Прекршоците на заштита на растителните видови најчесто се детектирани од страна на чуварите во заштитените подрачја бидејќи тие вршат непосредна заштита. Прекршоците најчесто се од физички лица, но има прекршоци и од страна на правни лица, а во одредени ситуации има прекршоци од лица од соседни држави – велат од инспекторатот додавајќи дека најчестите прекршувања се констатираат во заштитеното подрачје Национален Парк Шар Планина, подрачје што воедно е едно од биолошки најбогатите во земјата.
Заштитените подрачја без доволно ресурси
Се обративме и до надлежните во паркот, каде велат дека Шара е дом на над 1.500 растителни видови, меѓу кои и многу ретки и ендемични, и дека дел од нив веќе се под континуирана закана, не само од човечко влијание туку и од климатските промени.
– Поради бројните закани и ограничените ресурси, во соработка со стручниот и научниот совет идентификувавме 5 клучни видови и 5 клучни хабитати под редовен мониторинг. Веќе по две години следење се забележуваат највидливите промени: сушење на смрчевите шуми, намалување на популацијата на шарпланинскиот чај и повлекување на бреговата линија на Караниколичкото Езеро – вели Анела Ставревска-Панајотова, раководител на Одделот за заштита на природата.
Фактот дека надлежните во заштитените подрачја немаат доволно капацитети за соодветна заштита го потврдува и активистот Дарко Китановски од „Еко-свест“. Тој вели дека овие заштитени подрачја немаат опрема и ресурси, а тоа произлегува од недостигот на финансиски средства и недоволна поддршка од државата.
– Ако прогласиме некое подрачје за Национален парк, мора да му дадеме финансиски средства за да функционира како такво. Инаку заштитата останува само на хартија – вели Китановски.
Објаснува дека проблемот е уште поголем надвор од заштитените подрачја.

Теренски истражувања во Македонија / Фото: „Еко-свест“
– Надвор од заштитените подрачја воопшто не се обрнува внимание на критично загрозените растителни видови – вели тој додавајќи дека сите ендемични растителни видови се во опасност во земјава.
Според него, проблемот не се законите, туку фактот што тие речиси и не се применуваат на терен. Според Китановски, сериозен проблем претставуваат и несовесните берачи, кои со неправилно собирање прават директна штета.
– Многу луѓе ги влечат растенијата насилно, без да остават можност да израснат повторно следната година – вели тој.
Додава дека спроведуваат едукација на собирачите за да се спречи уништувањето.
– Преку обуки и работилници сакаме да покажеме дека растенијата може да се користат, но на одржлив начин – вели тој.
Проблемот со неконтролираното собирање на ретки и ендемични растенија од професионални колекционари го посочува и Матевски.
– Тоа претставува сериозна закана за флората, особено во летниот период, кога по планините се присутни возила со странски регистрации, приспособени за собирање жив или семенски растителен материјал – вели академик Матевски.
Проблемот дополнително се усложнува со тоа што научните публикации често содржат прецизни GPS-координати за локалитетите на ретките растенија, што ги прави овие информации лесно достапни и за собирачите.
Овие предупредувања не остануваат само на ниво на научни проценки. Слични проблеми се евидентираат и на терен, особено во заштитените подрачја со висока биолошка вредност.
– Во Националниот парк „Маврово“ е евидентирано интензивно и нестручно собирање на растенија со комерцијална вредност, при што со косење или целосно отстранување на растението се оневозможува неговата природна обнова – велат од Национален парк „Маврово“.
Како најчесто засегнати, од управата на паркот ги издвојуваат растенијата со комерцијална вредност.
– Најизложени на неконтролирано собирање се растенијата со комерцијална вредност, како салепот, линцурата и боровинката, кои поради побарувачката на пазарот често се собираат нестручно и во поголеми количини – велат од Национален парк „Маврово“.
Од таму појаснуваат дека проблемот не е само во количеството, туку и во начинот на собирање.
– Собирањето најчесто се врши со косење или целосно вадење на растението, со што се оневозможува неговата природна обнова и се предизвикува трајно уништување на локалните популации – предупредуваат од паркот.
Неконтролирано собирање на заштитени видови
Според управата на НП „Маврово“, ваквите практики имаат долгорочни последици, бидејќи обновувањето на овие видови е бавно и зависи од многу специфични природни услови. Дополнителен предизвик претставува и фактот што дел од собирачите доаѓаат од соседни држави, што ја отежнува контролата на терен.
– Контролата е дополнително ограничена поради недоволен број човечки ресурси и ограничени финансиски средства – посочуваат од Националниот парк „Маврово“.

Теренски истражувања во Македонија / Фото: „Еко-свест“
Но, и покрај тоа што неконтролираното собирање претставува реална закана, соговорниците се согласни дека тоа е само дел од поширокиот проблем. Многу посериозна слабост, велат, лежи во самиот систем на заштита, во недоволно јасните надлежности, ограничените ресурси и отсуството на долгорочна државна поддршка. Токму на овие структурни пропусти укажува и Андон Бојаџи, долгогодишен вработен во НП „Галичица“ и поранешен директор на паркот. Тој кратко вели дека најголемиот проблем е односот на државата кон заштитените подрачја.
– Државата ги прогласила заштитените подрачја, но не ја презела обврската да ја финансира заштитата. Таа состојба до ден-денес е иста – објаснува тој.
Во овој парк има само пет ренџери за непосредна заштита. Иако според меѓународните стандарди еден ренџер може да покрие околу 2.000 хектари, во паркот има над 24.000 хектари.
– Тој недостаток, заедно со преклопената и нејасна законска регулатива, сериозно ја ограничува ефикасната заштита. Надлежностите на ренџерите не се прецизирани, па нивното постапување при бесправни дејства е ограничено, а неефикасниот правосуден систем дополнително ги демотивира – вели Бојаџи.
Македонија е една од ретките држави во светот која не издвојува средства од буџетот за финансирање на заштитата на природата во националните паркови. Токму затоа најголем дел од националните паркови се потпираат на средства што се собира од експлоатација на шумите.
Но, за разлика од повеќето паркови во земјата, каде приходите и натаму зависат од користење на шумските ресурси, НП „Галичица“ успеа да воспостави поодржлив модел: финансирање преку влезници, меѓународни проекти и поддршка од фондот за природата Преспа – Охрид (ПОНТ).
Според Бојаџи, најголемата закана за заштитеното подрачје е урбанизацијата, бидејќи со градењето се уништуваат природните живеалишта и се нарушува изгледот на просторот.
– Во справувањето со оваа закана нашите ингеренции се многу мали бидејќи надлежностите за постапување се кај други органи на државата. Ние редовно безуспешно алармираме за овој проблем – вели огорчено Бојаџи.
Трговија со растителни видови од БиХ
Нашето истражување го продолжуваме во Босна и Херцеговина, земја која спаѓа меѓу биодиверзитетски најбогатите подрачја во Европа, со голем број ретки, ендемски и лековити растителни видови и габи. Тие претставуваат темел на стабилноста на локалните екосистеми, но и дел од традиционалната медицина и идентитетот на заедниците што живеат во планинските и руралните подрачја.

Кањонот на реката Краљушчица / Фото: Исмир Смајиќ
Паралелно со ова природно богатство, во последните години расте и побарувачката за лековити билки, габи и ретки растителни видови на домашниот и меѓународниот пазар, особено во фармацевтската, козметичката и прехранбената индустрија.
Нашето истражување покажува дека собирањето и извозот на растителни видови од БиХ, во одредени, иако не големи размери, се одвива и во „сивата зона“ помеѓу формално постоечките закони и нивната слаба или селективна примена.
Иако меѓународните конвенции, ентитетските закони и подзаконските акти пропишуваат строги правила за заштита на природата, во пракса недостигаат централни евиденции, институционална координација и систематско следење на состојбите на терен.
Резултатот е длабок јаз меѓу зачувувањето на биодиверзитетот и профитната експлоатација. Така, локалните заедници и екосистеми трпат долгорочни загуби, додека корист имаат поединци и мрежи вклучени во синџирот на откуп и извоз, често со премолчено одобрување, незнаење или неактивност на надлежните институции.
Биодиверзитетот како ресурс и како дел од идентитетот
БиХ има исклучително богата флора и микофлора, што е резултат на нејзината географска положба, климатската разновидност и зачуваните природни живеалишта. Според Армин Мацановиќ од Одделот за биологија при Природно-математичкиот факултет на Универзитетот во Сараево, токму растителните видови со најголема пазарна вредност се истовремено и најизложени на прекумерна експлоатација.
– Истражувањата спроведени во изминатите години на територијата на цела БиХ покажуваат дека традиционалното знаење за лековитите билки сè уште постои, но е во опаѓање. Жителите постари од 40 години во просек познаваат околу осум лековити билки што ги користат во секојдневниот живот, додека помладите генерации познаваат само една до две. Сепак, вкупната употреба е голема и се проценува дека во домаќинствата во БиХ се користат меѓу 90 и 100 лековити билки, додека историските записи говорат за повеќе од 750 корисни растителни видови – вели Мацановиќ.
Овој јаз меѓу богатството на природата и слабеењето на традиционалното знаење дополнително отвора простор за комерцијална експлоатација, често без разбирање на долгорочните последици по екосистемите.
Најзагрозени видови и состојбата на терен
Според податоците од струката, меѓу растителните видови кои се најизложени на неконтролирано собирање се линцурата, смиликата, боровинката, брусницата, исландскиот лишај, како и бројни видови габи, вклучувајќи смрчак, вргањ и лисичарка. Особено загрозени се и ливадските орхидеи, кои исчезнуваат и поради собирање и поради зараснување на ливадите и промена на намената на земјиштето.

Lilium bosniacum – босански крин / Фото: Исмир Смајиќ
Мацановиќ предупредува дека корнењето на билките заедно со коренот е еден од клучните проблеми, бидејќи таквите популации често немаат можност за обновување.
– Кога еднаш ќе се откорне растение како линцурата, чиј корен е основниот дел за регенерација, целата популација на тоа живеалиште може да исчезне. Теренските примери дополнително ја потврдуваат оваа слика. На планините Битовња и Височица се забележани случаи на деградација на живеалиштата на боровинка и брусница, како поради прекумерно берење, така и поради инфраструктурни зафати, како изградба на патишта и енергетски објекти – наведува Мацановиќ.
Тој дополнително истакнува дека во селото Умољани, на подрачјето на Студениот поток, локалното население пријавувало возење квадови низ коритото на потокот, што дополнително ги нарушува чувствителните планински екосистеми.
Профитниот интерес и синџирот на експлоатација
Зад собирањето на лековити билки и габи често стои сложен синџир во кој локалните собирачи се само првиот, и најранлив, дел од системот. По собирањето, билките се откупуваат по релативно ниски цени, а потоа понатаму се преработуваат или се извезуваат, каде што нивната пазарна вредност повеќекратно расте.
Според експертите, во Босна и Херцеговина не постои системска контрола на откупните цени, ниту транспарентна евиденција за количините што се собираат и пласираат на пазарот. Така, профитот најчесто се слева кај откупувачите и извозниците, додека локалните заедници остануваат без долгорочна корист, но и без природните ресурси на кои традиционално се потпирале.
Мацановиќ посочува дека е тешко да се зборува за нелегална експлоатација на нешто што не е јасно законски уредено.
– Во нашата земја постојат т.н. ентитетски закони за заштита на животната средина. Меѓународните протоколи, договори и конвенции не ги препознаваат националните закони. Ние немаме државен закон за животна средина, а законите на ентитетите се различни – објаснува тој.
Додава дека во Федерацијата БиХ има кантонални закони, кои се применуваат на општинско ниво.
– Јас, како истражувач, можам да одам да истражувам и да собирам материјал каде било, без законска обврска некому да доставам податоци. Ако се работи за проекти финансирани од министерства или институции, може да се побара дозвола, но прашање е што понатаму со таа дозвола. CITES конвенцијата јасно ги регулира правилата за трговија со заштитени видови, но што кога ќе утврдиме дека нешто е направено нелегално и како тоа да се утврди? – прашува Мацановиќ.
Тој дополнува дека тоа е можно преку инспекциски надзор, но потоа е потребно и ефективно решавање на проблемот.
– Ние немаме агенција што ја следи тековната состојба на природата. Да постојат интервентни мерки, да знаеме што и како се случува и какви се правните последици. Имаме многу добар закон за заштита на животната средина, но кога станува збор за користење на природните ресурси и билките, поголем проблем е како, на пример, тие да се внесат во Хрватска или во други земји на ЕУ, додека многу лесно се изнесуваат од БиХ – објаснува тој.
Закони што постојат, но селективно се применуваат
БиХ е потписничка и има ратификувано низа меѓународни конвенции што ја регулираат заштитата на природата и трговијата со загрозени видови, вклучувајќи ги CITES и Бернската конвенција. Во Федерацијата БиХ, врз основа на Законот за заштита на природата, во 2014 година е усвоена Црвената листа на диви растителни, животински видови и габи, заедно со правилници што ги дефинираат строго заштитените видови.

Gentiana dinarica – динарски енцијан / Фото: Исмир Смајиќ
Сепак, клучен проблем е фактот дека овие црвени листи не се ажурирани повеќе од десет години. Федералното министерство за животна средина и туризам признава дека листите треба редовно да се ревидираат, бидејќи состојбите во природата се менуваат под влијание на климатските промени и човечките активности.
Дополнителен предизвик е непостоењето на Завод за заштита на природата во Федерацијата БиХ, кој би го следел биодиверзитетот на системски начин. Поради тоа, следењето на состојбата на природата во БиХ се темели на фрагментирани податоци, поединечни истражувања и пријави од терен.
Кој контролира и каде системот потфрла
Контролата на собирањето, прометот и извозот на растителни видови е поделена меѓу повеќе институции. Федералната управа за инспекциски работи е надлежна за фитосанитарен надзор при увоз и извоз, додека во внатрешниот промет надзор вршат пазарната, земјоделската, шумарската и инспекцијата за заштита на природата.
Меѓународната трговија со билки во државата се одвива врз основа на дозволи што ги издава Федералното министерство за земјоделство, водостопанство и шумарство, кога станува збор за легална трговија.
– Не може со сигурност да се издвојат растителни видови што најчесто се предмет на трговија. Трговијата се врши со сите видови растенија, главно оние што се користат во медицински цели, козметичката индустрија, како и украсни билки. Тука може да се издвојат орхидеите и Ruscus aculeatus (дива шимширка), која се користи како зеленило во букети – наведуваат од Федералната управа за инспекциски работи.
Тие посочуваат дека главните причини за порастот на трговијата со ретки или заштитени растителни видови лежат токму во нивната реткост и заштитен статус, а зголемената побарувачка во фармацевтската и козметичката индустрија како и украсни растенија создава услови за остварување енормен профит.
Заштитените подрачја како исклучок
Примерите од заштитените подрачја покажуваат дека контролата е возможна кога постои јасно управување и континуиран надзор. Кантоналната јавна установа за заштитени природни подрачја на Кантонот Сараево управува со подрачја како Врутокот на Босна, Бијамбара, Скакавац, Требевиќ и Бентбаша, каде, според нив, нема случаи на масовна експлоатација на ретки и загрозени растителни видови.
– Надзорната служба континуирано ги следи активностите на терен, ги предупредува посетителите и, доколку е потребно, ги известува надлежните инспекции. Оваа практика покажува дека институционалното присуство значително го намалува просторот за нелегални активности – изјави Исмир Смајиќ од установата.
Тој истакна дека собирањето на ретки и заштитени видови не е дозволено и дека за тоа е потребна согласност од Федералното министерство за животна средина и туризам. Кај незаштитените видови, собирањето е дозволено, па дури и препорачливо, но исклучиво на одржлив начин.
Извоз без евиденции
Иако законската рамка предвидува дозволи за собирање и извоз на заштитени видови, непостоењето на единствен регистар за издадени дозволи и изнесени количини значително го отежнува следењето на реалната состојба. Федералното министерство за животна средина и туризам наведува дека располага со база на податоци за дозволи издадени за научни истражувања, но не и за комерцијално собирање.
– Најголемиот хендикеп на Федерацијата БиХ е тоа што нема Завод за заштита на природата. Во Република Српска таков завод постои. Ние сме надлежни за зачувување на дивите видови и нивната заштита. Законот за заштита на природата ги препознава научните истражувања и дозволува собирање на видови од нивните живеалишта исклучиво за научни цели – изјави Зинета Мујаковиќ, раководителка на Одделението за зачувување на природата и биодиверзитетот.
Таа нагласи дека собирањето на диви видови не е целосно забрането за сите, но заштитените видови се особено подложни на злоупотреби, при што, на пример, собирањето на линцурата доведува до целосно исчезнување на популацијата на тој терен.
Искуството на Австрија
Додека заштитата на ретките растителни видови во Македонија се соочува со ограничени надлежности и слаба институционална поддршка, искуството од Австрија покажува поинаков пристап. Во Националниот парк „Калкалпен“, фокусот е ставен на постојан мониторинг, едукација и превенција, со што навреме се препознаваат заканите, а јавноста се вклучува како сојузник во заштитата на природата, наместо како проблем.
Во разговор за ова истражување, директорот на паркот, Јозеф Форстингер, објаснува дека заштитата се темели на систематско следење на состојбата на видовите и на доверба во посетителите.

Теренски истражувања во Австрија / Фото: НП „Калкалпен“
– Имаме јасен мониторинг-план кој ни овозможува да ја следиме состојбата на загрозените видови и навреме да реагираме доколку се појави закана – вели Форстингер.
Тој нагласува дека посетителите речиси и да не претставуваат ризик за природата.
– Националниот парк е тешко достапен, а самата природа, со паднати дрвја и густ терен природно ги насочува луѓето да се движат внимателно – објаснува директорот, додавајќи дека улогата на ренџерите е пред сè едукативна и превентивна, а не репресивна.
Според него, вистинската мерка за успешноста на еден национален парк не е бројот на посетители, туку пораката што ја пренесува.
– Информацијата и образованието се поважни од забраните. Кога луѓето разбираат зошто нешто се штити, тогаш и самите стануваат дел од заштитата – вели Форстингер.
На крајот, приказната повторно нè враќа кај меурестиот козинец, малото растение што стана симбол на една поголема борба. Решенијата се јасни, но бараат политичка волја: активна вклученост на државата преку јасно дефинирани надлежности, стабилна и долгорочна финансиска поддршка за заштитените подрачја, редовен теренски мониторинг и подобра координација меѓу институциите. Без системска поддршка, одговорноста останува на поединци и ентузијасти, наместо на државата како гарант за заштита на природното наследство.

Теренски истражувања / Фото: „Полимат 13“
Токму затоа останува прашањето дали овој редок вид и во иднина ќе продолжи да живее во своето природно живеалиште или ќе остане само како принт на маичката на Надица Маџирова, потсетник на нешто што не сме успеале да го заштитиме навреме.
– Ова мало растение е голема вредност што мораме да ја зачуваме за идните генерации. Преку него можеме да покажеме како се грижиме за самите себе си – вели со насмевка Маџирова.
Насловна фотографија: (Теренски истражувања во Македонија / Фото: „Еко-свест“)

(Ова прекугранично истражување е изработено со поддршка на Journalismfund Europe.)





