Промоција на стихозбирката „Огнени рози“ од младата Лина Кепсарова

Промоција на збирката поезија „Огнени рози“ од младата уметница Лина Кепсарова ќе се одржи денеска во 12 часот, во просторот The Dude Specialty Coffee во Скопје. „Огнени рози“ е интимна поетска целина која низ лирски писма и песни го истражува односот помеѓу љубовта, копнежот и емоционалната сувереност. Збирката отвора простор за размислување за нежноста, автономијата и слободата во љубењето, преку силен и ранлив поетски глас.

Насловната корица на книгата е авторско уметничко дело на Кепсарова, создадено во рамки на изложбата „Иницирај промена! Креирај гласно“, иницијатива на Здружението „Биди човек“. Кепсарова е 16-годишна млада уметница и ученичка во Државно средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје. Покрај визуелната уметност, таа активно се изразува и преку поезијата, како дел од иницијативата „Иницирај промена! Креирај гласно“, каде работи на себеспознавање и охрабрување на младинскиот глас. „Огнени рози“ е интимен и лирски дијалог меѓу копнежот и љубовта, составен од поетски писма до таен обожавател. Книгата ја истражува нежноста, автономијата и емоционалната сувереност, славејќи ја љубовта како простор на слобода, а поезијата како искрен и храбар израз на срцето.

Сподели