ПМФ влегува во здравствената дејност. Што ќе се испитува во Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика?

Испитување на генски мутации на онколошки болести и ин витро оплодувања ќе се вршат во Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. За првпат во својата историја, освен во научната и образовната дејност, ПМФ почнува и со дејност во областа на здравството. Договорот за соработка вчера на ПМФ го потпишаа деканот, проф. д-р Даворин Трпески и генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Раководител на Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е проф. д-р Сашо Панов. Според него, анализите се пресудни за примена на таргетираната терапија кај ракот зашто без детални генетски анализи, примената на скапа биолошка терапија може да биде неефикасна за пациентот доколку тој ја нема соодветната мутација.

– Со оваа опрема и нашиот кадар, овозможуваме прецизна дијагностика и интерпретација. Лабораторијата ќе почне со работа веднаш по завршувањето на техничките подготовки и тендерските постапки за набавка на потребните реагенси и потрошен материјал – објасни Панов.

Трпески рече дека ПМФ за првпат во своето 80-годишно постоење, покрај вршењето научна и образовна дејност, ќе помогне во здравствената дејност во државата. Тој потенцира три битни сегменти во процесот кој трае подолго време:

– Одличната соработка со Министерството за здравство, кое ги препознаа нашите капацитети и изготви решение за да се вклучиме во здравствениот систем на Македонија, каде лабораторијата за молекуларна биологија и генетика всушност ја доби таа акредитација. Втората е тимот и вработените на ПМФ кои интензивно работеа во изминатиот период за да можат да создадат услови за сето тоа да биде подготвено како што треба. Третата е одличната соработка со Министерството за образование и наука, кое обезбеди скоро 90 отсто од средствата за да може да се направи ваква лабораторија, која е една од најрепрезентативните од таков тип во регионот. Особено ми е драго што овие народни пари кои беа вложени на факултетот и во лабораторијата, сега преку Фондот за здравствено осигурување повторно се враќаат кај осигурениците преку услуги кои ќе ги даваме во наредниот период – рече Трпески.

Клековски вели дека Лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија туку и во регионот. Со договорот со ПМФ постигнати се две цели.

– Го подобруваме капацитетот за онколошки анализи. Тука ќе се прават генетските анализи за онколошки болни. Втората цел е што ПМФ добива можност и за апликативна работа. Тука се образуваат идните генетичари за сите лаборатории низ Македонија и добро е уште во фаза на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Во Лабораторијата ќе се врши нова метода во ин витро оплодувањето – испитување дали новиот ембрион пред да се всади во матката на мајката е здрав и нема никакви генетски заболувања. Клековски очекува да се зголеми успешноста на ин витро оплодувањата и можноста на свет да се донесе здрав плод.

– За оваа процедура од ембрионот ќе се земаат само неколку клетки. Воведени се шест ин витро интервенции на товар на Фондот, со што се овозможуваат поголеми шанси некои луѓе станат родители – рече тој.

Во моментов, Фондот има договори со генетски анализи со МАНУ, со институтите на Медицинскиот факултет (Институтот за патологија, Институтот за имунологија, Институтот за судска медицина), Фармацевтскиот факултет, Институт за јавно здравје и други.

(В.И.И.)

Сподели