Кирил Ѓозев назначен за ко-претседател на Меѓународната трговска организација за креативна економија

Претседателот на Унијата на македонските професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), Кирил Ѓозев е назначен за ко-претседател на Првиот президиум на новоформираната Меѓународна трговска организација за креативна економија (International Trade Organization for Creative Economy – ITOCE). Тој беше назначен на 6. Интернационален форум „Кина – земјите од Централна и Источна Европа“ (CEEC) за културни и креативни индустрии, кој се одржа од 29 до 31 декември во Макао, Кина.

Форумот, организиран во рамки на Меѓународната конференција за развој на креативната економија и трговијата, обедини владини претставници, водечки експерти, академици и претставници на креативните индустрии од Кина, земјите од Централна и Источна Европа, како и од други региони во светот. Настанот се надоврзува на претходните пет успешно реализирани изданија, одржани во Белград, Пекинг, Лоѓ, Катовице, Будимпешта и во Софија и прераснува во значајна меѓународна платформа за соработка во областа на филмот, аудиовизуелната продукција, дизајнот, анимацијата, гејмингот и културната трговија.

ITOCE беше официјално инаугурирана како невладина и непрофитна меѓународна организација, со мисија да промовира отворени, инклузивни, правични и ефикасни глобални системи за развој на креативната економија и меѓународната трговија. Претседателството е составено од меѓународно признати професионалци со значајно искуство и влијание во областа на креативната економија и прекуграничната соработка. Ѓозев ќе придонесува кон дефинирање на стратешките приоритети, јакнење на меѓународниот политички дијалог и поддршка на интеграцијата на креативните претпријатија на глобалните пазари.

– Ова е признание за колективната работа и растечкиот кредибилитет на креативните индустрии во нашата земја. УМПАКИ континуирано се залага за посилно меѓународно позиционирање, правичен пристап до пазари и одржливи политички рамки за креативните професионалци. Учеството во раководството на ITOCE создава конкретна можност за поврзување на нашите локални и регионални креативни екосистеми со глобалните процеси, пазари и политики. Нашиот фокус останува насочен кон тоа креативните индустрии да бидат не само културно релевантни, туку и економски одржливи и меѓународно конкурентни – вели Ѓозев.

Во текот на Форумот, тој активно учествуваше со тематски говор на сесија посветена на глобалните искуства во развојот на креативната економија, при што ги претстави перспективите од Македонија и Југоисточна Европа, заедно со високи претставници од Кина, земјите од Централна и Источна Европа и меѓународни институции.

Сподели