Слики за сите новороденчиња во Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје подари македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски-Цветин. Традицијата трае повеќе од дваесеттина години, кога Цветин дарува свои слики Цвеќе на мирот на сите новороденчиња.
– Како што се раѓа новата година, така се раѓа и нов живот. Македонија како држава се соочува со предизвик со наталитетот. Ние како нација треба да ги мотивираме нашите млади да имаат повеќе деца и да го зголемиме бројот на населението – вели уметникот.
Тој се заблагодарува и на персоналот во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за посветената и неуморна работа во текот на годините.
Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија, уметник номиниран за Нобелова награда за мир, познат по својата мисија „Цвеќето на мирот“. До денес има реализирано над 300 изложби и има подарено над 70.000 слики, кои се наоѓаат кај државници, уметници, поети и обични луѓе ширум светот.





