За мене, „Јејл“ не е само име или институција; тој е глагол. Тој е чин на размена – меѓу мене и сите идеи, дилеми и амбиции што ме испреплетуваат
Пишува: Ива Трпески
Растејќи, како и многу други тинејџери, гледав американски серии и филмови. Во нив, „Јејл“ секогаш се појавуваше како мит – престижно место, далечен сон, речиси недостижен симбол на академска извонредност. Иако тогаш не можев целосно да ја сфатам тежината на тоа име, нешто во мене секогаш реагираше кога ќе се спомнеше. Неколку години подоцна, преку Yale Young Global Scholars (YYGS), тој мит стана искуство. Реалност.
Доаѓањето во САД за првпат беше мешавина од возбуда и тивка несигурност. Нов континент, нов систем, нови луѓе. Сепак, уште по првиот разговор со моите цимери, почувствував смиреност. Во таа соба, исполнета со различни акценти, приказни и соништа, сфатив дека ова нема да биде само академска програма, туку безбеден простор за раст. И навистина беше така.
YYGS не заврши со последниот ден на кампусот. Напротив, тој продолжи да живее во моето секојдневие. Голем дел од знаењето стекнато на семинарите несвесно го пренесов во моите овогодишни задачи по филозофија – во начинот на аргументирање или во поставувањето прашања. Со мојата заедница споделував за културните и социјалните разлики што ги забележав, но уште повеќе за сличностите кои нè прават човечки поврзани, без оглед на географијата.
Еден од најсилните моменти на програмата беше мојот симпозиум – посетата на уметничка галерија. Гледајќи наназад, сфаќам дека уште пред да дојдам во Њу Хејвен, виртуелно „се заглавив“ во музеите, особено во оние посветени на уметноста. Она што таму го доживеав, сепак, не може да се реплицира преку екран. Седењето пред едно уметничко дело, во тишина, додека се обидуваш да ја почувствуваш неговата енергија и хармонија, беше речиси медитативно. Анализите што ги правевме, а потоа и дебатите во кои ги разменувавме перспективите, ме потсетија колку ми е важно да гледам на истата појава од повеќе агли – да додадам уште една променлива во мојата равенка.
Можам да напишам роман за придобивките од аплицирањето на YYGS, да убедувам, да набројувам, да аргументирам. Но, најискрениот и најефикасен начин да се покаже вредноста на ова искуство е преку промената што ја остава. Знаењето и вештините што ги стекнав не морам ни намерно да ги демонстрирам – тие се видливи, токму затоа што „Јејл“ ме промени. За мене, „Јејл“ не е само име или институција; тој е глагол. Тој е чин на размена – меѓу мене и сите идеи, дилеми и амбиции што ме испреплетуваат.
„Јејл“ ќе го паметам засекогаш. А испраќањето на таа апликација останува, без сомнение, најдобрата одлука што сум ја донела во моите осумнаесет години живот.
Насловна фотографија: Принтскрин





