Василичарски концерт со хитовите на Глорија Гејнор, Дона Самер, АБА, „Би џиз“, Мајкл Џексон

Хитови од Глорија Гејнор, Дона Самер, АБА, „Би џиз“, Мајкл Џексон ќе бидат изведени на традиционалниот концерт за празникот Василица во Националната опера и балет. Закажани се два концерта – на 12 и 13 јануари од 20 часот, а ќе настапат оркестарот при НОБ и Националниот џез оркестар, домашни и странски солисти.

– На реперторот се најпознатите диско и поп хитови од 70-тите и 80-тите години, период што остави длабока трага во колективната музичка меморија на неколку генерации. Публиката ќе има можност да ги слушне делата на светски признати автори и изведувачи како Глорија Гејнор, Дона Самер, АБА, „Би џиз“, Мајкл Џексон и многу други, но низ симфониски аранжмани што ја прошируваат нивната оригинална форма и ги поставуваат во контекст на современа концертна естетика – велат од НОБ.

Тие додаваат дека овој уметнички пристап не претставува само носталгично враќање кон музиката од минатото, туку и нејзино творечко преосмислување. Концертите насловени „Диско вечер“ создаваат мост меѓу жанровите, генерациите и музичките традиции поврзувајќи ја популарната култура со институционалната сцена на класичната музика.

– Оваа синтеза ја нагласува отвореноста на македонската Национална опера и балет кон современите културни текови и нејзината мисија да понуди програми што се истовремено квалитетни, иновативни и достапни за пошироката јавност – додаваат од НОБ.

Ќе настапат домашни и странски популарни пејачи, Оркестарот на македонската Национална опера и балет, како и Националниот џез оркестар, соработка што дополнително го збогатува звучниот спектар на концертот и внесува динамика, ритмичка разноликост и современа интерпретативна енергија. Се очекува спојот на класични, џез и поп елементи да ја направи „Диско вечер“ уникатно концертно искуство кое го надминува жанровското ограничување и ја афирмира музиката како универзален јазик.

Билетите се во продажба на линковите: 12 јануари и 13 јануари.

Сподели