Кирил Македонски, човекот кој предвреме знаеше дека музиката е мост помеѓу уметноста и исцелението

M-р Маја Митровска имаше несекојдневна задача – да го систематизира необјавеното творештво на Македонски, кое неговата ќерка Пламенка Македонска го донираше на Заводот за заштита на споменици и музеј во Битола. Таму, утревечер во 19 часот ќе биде отворена спомен-собата на Кирил Македонски

Музиката има многу посилно дејство врз човечкиот дух, отколку што ние воопшто претпоставуваме. Ѝ претстои исклучително значајна улога во животот на човекот и на универзумот, каква што денес едвај можеме да ја предвидиме“, запишал едно свое размислување Кирил Македонски, композитор, автор на првата македонска национална опера „Гоце“. Сто години по неговото раѓање, м-р Маја Митровска, наставничка по соло пеење во Државното музичко училиште во Битола доби несекојдневна задача – да го систематизира необјавеното творештво на Македонски, кое неговата ќерка Пламенка Македонска го донираше на Заводот за заштита на споменици и музеј во Битола. Таму, утревечер во 19 часот ќе биде отворена спомен-собата на Кирил Македонски.

Маја Митровска

Веќе неколку месеци имате несекојдневен предизвик – систематизирање на необјавеното творештво на композиторот Кирил Македонски во чиј спомен се отвора спомен-соба во Заводот и музеј во Битола. Какво е чувството?

– Работата како стручен соработник за мене претставува одушевување, но и огромна одговорност. Пред само половина година, кога започнав да работам на легатот на композиторот Кирил Македонски, не можев да претпоставам колкава длабочина и вредност носи оваа оставина – не само музичка и културолошка, туку и национална, духовна, идентитетска. Секој документ, секоја партитура, секој личен негов запис беше како ново откровение, како дел од една голема приказна која бараше внимание, почит и буден и отворен ум. За мене, во мојот професионален пат, овој подвиг претставува највисоко достигнување и нескромно, но со длабока благодарност, можам да кажам – ова е моментот кога сета моја љубов кон музиката и уметноста доби смисла.

На каков материјал наидовте досега? Што сè селектирате и комплетирате?

– Секое парче хартија, книга или предмет што пристигна во битолскиот Музеј помина низ моите раце. Мојата работа е да одредам што е поважно меѓу сите и онака важни документи, партитури, книги и др. Заедно со моите соработници одредуваме што ќе биде изложено во спомен собата и по кој редослед. Благодарение на семејството на Кирил Македонски, голем дел од документите, новинарските написи и материјали во ракопис беа педантно поделени во одделни регистратори. Во неколку наврати пристигнаа огромни кутии со различни материјали кои не биле отворени никогаш. Тие беа најголем предизвик за мене.

Во легатот пристигнаа околу 30 регистратори: документи, договори, дописи, писма до институции, лични документи, решенија за работа, свидетелства, дипломи, материјали од конкурси, материјали за учебници, книги и публикации, литературни дела, либрета, стручни написи, програми, репертоари, програми за учества, хорски дела-печатени, филмска музика, драмска музика, оперети за деца, детски песни од зборник на трудови, објавени детски песни, необјавени детски песни во оригинален ракопис, два регистратора за музикотерапија и други научни трудови, седум регистратори со новинарски написи за изведба на дела; книга за музикотерапија во ракопис – неиздадена и др. Пристигнаа уште: лични предмети, музички инструменти за музикотерапија како и околу 300 книги, некои со ретки наслови од домашната библиотека на композиторот.

Покрај трите опери, познато е дека Кирил Македонски напишал и пет симфонии, 20 свечени песни-химни, камерни дела, соло-песни… Што не е познато дека напишал? И колкав е обемот на ова творештво?

– Кирил Македонски по обемот на своите дела, е еден од најзначајните композитори од втората генерација на македонски композитори. Неговото творештво е огромно. Освен издадените дела, во оригинални ракописи постојат бројни партитури кои допрва ќе се откриваат. Освен трите опери, на подрачјето на оркестарската музика, значајно дело е симфониската поема „Танчарка“ (1951), и другите две симфониски поеми „Смртта на танецот“ (1970) и „Диверзија“ (1971), како и петте симфонии за симфониски оркестар (1956, 1958, 1959, 1960, 1978 година) за кои словенскиот композитор Шкерјани пишува: „Дека се силни, динамични и дека во нив се гледа сигурноста на изразување на авторот со јазикот и средствата на дваесеттиот век.“

Фото: Завод и музеј во Битола

Пишува камерни дела камерен оркестар, но и состави со пијано и: виолина, виолончело, обоа, фагот и др., но интересно е што покажува особен интерес кон контрабасот – инструмент кој традиционално е дел од оркестарската основа и ретко се третира како изразито солистички инструмент. Македонски ја препознава неговата длабока звучна поетика и драмска моќ, и создава повеќе дела во кои токму контрабасот ја носи централната улога. Неговата фасцинација со овој необичен солистички избор резултира со неколку исклучително интересни и авангардни композиции: „Мистерија“ – за контрабас и три метрономи (1972), „Антимузика-1“ – за виолина и контрабас (1975), и „Антимузика-2“ – за соло контрабас и гудачки квартет (1976). Со овие дела Македонски значајно го проширува репертоарот за контрабас и ја истражува неговата ретко искористена изразност, претворајќи го во вистински носител на современ музички јазик.

Пишува солистички дела за пијано, обоа, фагот и др. Од музичко сценски дела освен трите опери го напишал и балетот во 3 дејствија „Дафина“ (1968) кој до ден денес не е изведен. Либретото е на композиторот, а се однесува на историските случувањата во Охрид во 1718 год. за време на турското ропство.

На 20 годишна возраст, Кирил Македонски, го формира првиот детски хор во Битола. За пет месеци, за нивните потреби компонира 10 песни, химна за св. Кирил и Методиј, и оперета во 4 дејствија „Изворчето на чудесиите“ (1945) со која се впишува во македонската историја како автор на прва македонска детска оперета. По неа следуваат детските оперети: Бегалче, (1946); Волкот и седумте јариња, (1946); Налутениот снешко, (1955); Волшебната виолина, (1973); Болната принцеза, (1975) и Еден чуден ден, (1977).

Кирил Македоснки, со ќерка си, Пламенка

Создал најмалку триесеттина вокално-инструментални дела и околу 300 песни за деца, едната половина се издадени, а другата половина се донесени во ракопис во легатот. Во 1973 година, на детскиот фестивал „Златно славејче“, се роди една песна што ќе ги отвори крилјата и ќе полета над времето. Песната се вика „Ми подари птицата песна“ или „Татковина“, со текст на Перо Миленкоски, а музика и аранжман на Кирил Македонски — творба што носи во себе детска чистота, љубов и благодарност кон татковината. Денес, таа е една од најопеаните песни за детски хорови од светот, се пее во различни аранжмани достапни на Јутјуб.

Покрај работата како композитор, Македонски се занимавал и со педагошка дејност, со музикотерапија. Продолжи ли оваа негова дејност да се применува во музичките училишта и на факултетите во Македонија?

– Во последниот период од неговото творештво (помеѓу 1977 и 1982 година), Македонски се насочи кон една област што и тогаш, а и денес е слабо проучена кај нас – музикотерапијата. Иако уште претходно го интересирале психолошките димензии на музиката, токму во тие години тој ѝ посвети посебно внимание, настојувајќи да ја истражи нејзината моќ врз човековата психа и емоции. Во светски рамки, музикотерапијата претставува призната и респектирана научна и уметничка дисциплина, која го поврзува звукот со човековата психа и телесна рамнотежа. Она што денес е дел од универзитетски програми и болнички практики низ целиот свет, Кирил Македонски го претчувствувал и развивал многу пред времето. Со својата емпатија и длабока човечност, тој ја гледал музиката не само како средство за естетско доживување, туку и како мост меѓу уметноста и исцелението. Неговата потреба да ја стави уметноста во служба на човекот зборува за вистински визионерски дух, кој ретко се среќава и денес. Во едно свое размислување изјавил дека: „Музиката има многу посилно дејство врз човечкиот дух, отколку што ние воопшто претпоставуваме“, додавајќи дека ѝ претстои исклучително значајна улога во животот на човекот и на универзумот, каква што денес едвај можеме да ја предвидиме.

Во петгодишен период напишал повеќе од триесет трудови и реферати посветени на различни аспекти од музикотерапијата и создал композиции со терапевтска намена, приспособени за лекување на различни состојби и нарушувања. Благодарение на својата посветеност, станал член на меѓународни здруженија за музикотерапија, кои му доделиле и специјални признанија.

Македонски се усовршувал во областа на музикотерапијата и стекнал високо образование во оваа дисциплина во образовниот центар World University Roundtable во Аризона, САД, каде што добил почесна докторска титула со назив – Доктор по филозофија за музикотерапија. И покрај тоа, оваа негова дејност и денес останува недоволно истражена и вреднувана во рамките на македонската музиколошка јавност. Освен со музикотерапијата, Македонски се занимавал и со различни теоретски и музиколошки прашања, меѓу кои и со иновативни начини на музичко бележење – учествувал на Меѓународниот конгрес за нова музичка нотација во 1974 година, одржан на Универзитетот во Гент, Белгија. Кирил Македонски на овој план бил вистински визионер, уметник кој размислувал и создавал многу пред своето време. Со својата графичка, асоцијативна нотација тој не само што го проширил поимот за музичко изразување, туку и ја надминал традиционалната нотација, внесувајќи во неа емоција, боја и слика.

Во време кога повеќето се држеле до строго дефинирани правила, тој го ослободувал звукот од рамките на хартијата и му давал видлива форма на чувството. Неговите идеи, иако не биле разбрани во времето, денес се препознаваат како дело на великан и пионер — човек кој ја гледал музиката не само како звук, туку како универзален јазик на симболи, движења и визии.

Балетот Дафина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ од Кирил Македонски никогаш не биле изведувани, иако СОКОМ е многу активно здружение, се одржуваат манифестации како Денови на македонската музика, Есенски музички свечености, Националната опера и балет и Филхармонијата се активни институции. На што се должи овој однос кон доајените на македонската класична музика?

– Верувам дека делата како балетот „Дафина“ и ораториумот „Кирил и Методиј“ ќе доживеат своја праизведба. Активноста на нашите музички институции и здруженија – е навистина за пофалба, би било убаво, уште повеќе да се изведуваат дела од македонски композитори со што ќе се добие поголема афирмација на доајените на македонската класична музика. За пофалба се исклучително позитивните примери, кои ги дава СОКОМ со Денови на македонска музика, негувајќи го творештвото на македонските композитори како и Битолскиот камерен оркестар кој се приклучи на прославата по повод 100-годишнината од раѓањето на Кирил Македонски со изведба на негови дела.

Би било убаво уште повеќе да се вложува во оживување и актуелизирање на македонските дела. Имаме манифестации каде што се изведува македонска музика и се стимулира современиот македонски композитор, но недостасува системска и континуирана стратегија во образовниот систем, која би помогнала во тоа. Како наставник во музичко училиште, сметам дека учениците треба да имаат задолжителна композиција од македонски автор во програмата за работа, истото да биде задолжително и на државните натпревари. На тој начин ќе создадеме идни генерации кои ја познаваат и ја ценат сопствената музичка традиција.

Сподели