„Чувари на мудроста“: Животот е маратон, од тоа што денес го работите, придобивка ќе имате утре!

Направив емисии од кои боли глава. Издадов две книги. Мојата цел не беше да бидам популарен, тоа си дојде само по себе. Убаво беше чувството кога легендата Иван Антонов ми кажа дека не е лошо тоа што го правам. Едно да знаете, утре ќе имате придобивка од тоа што денес го работите. Оти животот е маратон – истакна музичкиот новинар и диџеј Драган Б. Костиќ, на конференцијата „Чувари на мудроста“ што се одржа на Економскиот факултет, а ја организираше „Халкбанк“. Костиќ беше дел од третиот панел „Живот во ритам на музиката“, во кој друштво му правеа пејачката Блага Петреска и Светозар Ристовски, изработувач на виолини.

Учесници на вториот панел „Уметност на живеењето – на сцената и во реалноста“ беа академик Влада Урошевиќ и актерката Снежана Конеска-Руси, која годинава ја доби наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Воопшто не се чувствувам некаков мудрец, и покрај моите години. Кога бев на ваши години, воопшто не слушав совети. Се скарав и со татко ми, кој ме убедуваше да учам историја. Не ги слушав советите на професорите, еден професор ми рече да не пишувам негативни критики, за да не се замерувам со луѓето, се потсетува Урошевиќ.

– Затоа што на прашањето какво е марксистичкото влијание во литературата само јас одговорив дека е негативно, не добив можност да ме примат на факулет. Поради тоа, 20 години работев сè што можев. Работев на филм, тв, весници, па дојде ден ме викнаа да предавам на Филолошки. Не се жалам, постапував како што ми кажуваше внатрешниот глас. Можеби од млади луѓе повеќе би послушал. Јас ги замолив моите бивши студенти, кога ќе видите во моите текстови дека пишувам глупости, пријателски да ми кажете да престанам да пишувам. Со моето пишување сакав да покажам дека на македонски може да се пишува и поинаку. Отпор доживеав од самиот почеток. Три мои песни доживејаа да бидат тема на врвниот наш критичар, Димитар Митрев во неговата главна теоретска книга, каде моите песни беа како негативен пример. Кога би ги собрал само негативните критики за мене би излегла една книшка за мене од околу 120 страници. Инаетот ме натера да пишувам – вели Урошевиќ.

Тој споделува дека доживеал втора младост кога работел со студентите. Вели, како што предавав за вампирите, им кажував и на студентите – јас ја цицам вашата животна енергија и така ја обновувам и мојата.

– Дружењето со младите ми беше животен еликсир. Дознавав многу нешта, како се развива сензибилитетот на генерациите. Какви им се погледите на литературата. Се обидував да им објаснам дека литературата не смее да се разгледува преку идеолошки критериуми. Ако сум успеал тоа да го постигнам, ќе бидам задоволен. Ако се сетам на студентските денови – не жалам за сите непретплазливи чекори што сум ги направил, секој мој погрешен чекор којзнае од какви зла ме чувал. На Влада Урошевиќ студентот ми му кажал: Држи се момче! – истакна академикот.

Енергичната и секогаш позитивна актерка Снежана Коневски-Руси исто така вели дека била многу своеглава во носење одлуки и дека во суштина си се слушала само себеси. И велеле да оди да учи Право, но таа вели јас избрав – криво – Факултетот за драмски уметности.

– Наставникот Александар Бошковски секогаш ми ставаше 4 на 5 по македонски и од инает научив граматика за да бидам најдобра. Ме прогласија за најдобар ученик. Немаше предмет што не ми одеше и во гимназија бев ученик на генерација. На Академија по сите предмети имав 10ка-, само кај Владимир Милчин – 8. Одев во Радио Драма. Јас го читав на радио говорот на Тито кога почина. За во радио требааше да се стане во 3.30 наутро. Работевме заедно со Бранка Станковска. Живеевме исполнето, навечер игравме претстави, се дружевме во бифето, по цел ден имав ангажмани. Постарата генерација не ме прими најсрдечно во МНТ. Играв со Петре, Анче, Мери Бошкова. Јас и денес сум мост меѓу младата и старата генерација – рече таа.

Руси истакна дека од искуство сфатила дека според бројот на завидливци што ќе ви се појават во животот, може да се оцени и величината на еден човек.

– Актерите, театарџиите не се чувари на мудроста, ами на лудоста. Бидете свои. Секој открива во што е најдобар, но најважно е што сака. Себеспознавањето е основа на сета мудрост. Насмејте му се на денот и чувајте го детството! Животот те носи по животните патеки и треба да ги пребродиш сите нив за да дојдеш до она што го посакуваш. Направете уметничко дело од себе! – вели Коневски-Руси.

Третиот панел на конференцијата „Чувари на мудроста“ беше насловен „Живот во ритам на музиката“.

-Мојата работа е скриена во ателјето во еден амбиент како алхемичар. Јас сум сликар по професија и мојата амбиција беше да станам голем сликар. Цел живот го посветив на тоа. Имав добра причина зошто станав градител на виолини. Мојот син Костадин од мал покажа огромен талент за виолина, а мајка му е наставничка по виолина и инструментот што го имаше почна да не ги задоволува потребите. Јас свирев класична гитара и и за мене си правев инструмент, така почнав и со виолината. Јас не градам виолини, туку обликувам звук. Во нашата куќа се’ е поврзано со музиката. Од разбирање за состојбите може да се успее. Сум имал понуди да работам за големи ателјеа – вели Богданоски.

Тој раскажа анегдота во која на еден ист концерт било свирено со Страдивари виолина и со негова.

-По концерот музичарот го прашаа чија е втората виолина. Луѓе од цел свет доаѓаат кај мене. Моето име е истакнато и во школата за градители во Крамона, Италија. Лани ме посети Стефан Миленковиќ, имал двајца студенти што свиреле на мои виолини. Имам големо искуство за звукот, за да знам да можам да помогнам на тој што избира. Пред неколку години едно момче од Пехчево, учеше соло пеење и посака да гради виолини. Момчето имаше и веќе е успешен мајстор и Вејчеслав Поповски од Пехчево – рече Светозар.

Диџејот Драган Б. Костиќ вели дека никогаш не би го променил тоа што го работел. Се обидел да учи на Машински факултет. Тој ги советуваше младите да избираат самите, а не како ќе им кажат родителите.

-Дома имавме голема колекција плочи од дедо ми. Под кревет слушав музика, за да не ме слушаат дека не учам. Тоа сакав да го правам. На татко ми му беше срам да каже што е син му. Јас бев 22 години и 8 месеци најдолговечниот хонорарец во Македонското радио, зашто сум немал соодветно образование. Дозволете си да згрешите, тоа не е ништо страшно. Д-р Угриновски ми велеше – јас сум доктор за тело, а ти – за душа. Направив емисии од кои боли глава. Издадов две книги. Мојата цел не беше да бидам популарен, тоа си дојде само по себе. Убаво беше чувството кога легендата Иван Антонов ми кажа дека не е лошо тоа што го правам. Едно да знаете, утре ќе имате придобивка од тоа што денес го работите. Оти животот е маратон – истакна Костиќ.

Јас нон стоп пеев. Бевме пет деца, растев во многу патријархално семејство. Едвај ги убедив родителите да ми дозволат да се запишам во Скопје во Средното музичко, се потсети Блага Петреска.

-Најважно е да останете човек. Без тоа ништо не сте направиле. Бидете чесни, скромни. На мои 34 години останав вдовица, останав сама со две деца, но никогаш не го изгубив духот. Ми се случија многу чуда. Естрадата е комплексна. Направив песни што ќе го одбележат ова време во кое сум живеела. Ако сакате да ве ценат, треба одвнатре да излезе вашата убавина – рече Петреска.

По барање на еден од студентите, таа и запеа песна што заедно ја изведуваа со Гоце Николовски, „Пеам да не заплачам“.

Сподели