Невообичаена галерија и уметност искусија гевгеличани неодамна на перонот на Железничката станица во градот. Наместо во стандарден изложбен простор, 17 фотографии инспирирани од црвките и манастирите во Гевгелиско беа изложени на штафелаи на Железничката станица. Фотографиите се дело на Иван Кал`чев, а се дел од проектот на Етнокорелошкиот оддел при Домот на културата „Македонија“ – Гевгелија и трудот на м-р етнокореолог Силвестер Проле и претставуваат симбиоза на научноистражувачката дејност и уметничкиот концепт за негова визуелна презентација, симулирајќи мало патување низ времето. Токму перонот, како симбол на пристигнувањето и на заминувањето, е извонредно избран простор, не само поради асоцијацијата за патување, туку и како потсетување дека секој простор може да стане културна сцена.

Целта на изложбата е да се прикажат дел од црквите и манастирите во Гевгелиско – во Конско, Ума и во Серменин, фотографии на кои преовладуваат не само делови од архитектонските карактеристики на храмовите, туку и портрети во традиционална носија. Во исто време, овие фотографии се и повик до туристите, инспирирајќи се од нив, да ги посетат овие свети места и да ја доживеат одблиску нивната убавина, вели Проле.

-Црквите и манастирите предизвикувале интерес во светската и во домашната научноистражувачка дејност. Не само како монументални дела од духовното и религиско наследство и архитектура, со својата примарна функција: посредување во комуникацијата со Бога, туку и како носители на традиционалниот и на културниот код на македонскиот народ. Од големите собори пред црквата, заедничките беседи до прославите со автентична носија и народни песни и ора, кои им дале уште поголемо значење на овие свети места. Затоа и се вбројуваат меѓу најпосетуваните објекти, особено од страна на странските истражувачи – рече Проле.

Силвесер Проле (лево)
Изложбата е дел од манифестацијата „Гевгелија – Град на културата 2025 година“. Во наредниот период истата ќе биде промовирана и во други градови во земјава.



фото: Дом на култура „Македонија“ – Гевгелија, Етнокореолошки оддел





