Во Ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска во 14.30 часот ќе биде отворена изложбата на икони „Уметниците во чест на св. Никола“. Ќе бидат претставени икони од македонски уметници, а во чест на патрониот празник на Прилеп.
Со икони ќе се претстават Славица Михаилова, Дејан Макаријоски, Николче Српчански, Васко Ѓоргиев и ателјето за теракотни икони „Серафим“.
Славица Михаилова дипломирала на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија на отсек ѕидно сликарство. Магистрирала на Академијата за уметности во Белград – отсек конзервација. Член е на ДЛУБ и има реализирано бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Нејзини дела се наоѓаат во приватни колекции ширум светот.
Дејан Макаријоски е член на ДЛУБ, работи во техника масло на платно, акрил, како и фреско сликарство и икони. Основач е на студиот „Ателје Макаријоски“ и веќе 25 години го води ателјето и галеријата. Добитник на наградата „Борислав Траиковски за 2024 година на ДЛУБ.
Николче Српчански е магистер по ликовна уметност, конзервација и реставрација. Уметник, реставратор, иконописец. Завршил магистерско образование по конзервација и реставрација на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Учествува на повеќе самостојни и групни изложби.
Васко Ѓоргиев е уметник и иконограф. Завршил Академија во Џенова, Италија, оддел вајарство. Ангажиран како уметнички соработник во Бигорскиот манастир. Има реализирано циклуси на сакрално сликарство во Преспанско пелагониската и во Дебарско Кичевската епархија. Член на ДЛУБ и ДЛУГ. Редовен учесник на групни изложби во Италија и
Ателјето за теракотни икони „Серафим“ постои од 2018 година и е уникатно уметничко студио специјализирано за изработка на икони, орнаментални и фигуративни релјефни претстави од православната христијанска традиција, со фокус на теракотата како автентичен и топол материјал.





