Ивана Каранфиловска-Угуровска: Театарскиот костим мора да живее со актерот

Редовно сум присутна на пробите, ги следам промените и ги прилагодувам костимите според процесот што живее на сцената. Па, кога сум сигурна во она што го правам и искуството кое го имам – компромис? Компромис правам само во големината и дебелината на штиклата!

Три проекти во три различни временски епохи креираше костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска. На сцената на Театар Комедија ги создаде костимите за претставите „Ивона, принцезата на Бургунд“ во режија на Билјана Радиноска и на „Анна“ во режија на Нина Николиќ. А утревечер, во изведба на Театарот во Куманово, ќе ги видиме премиерно и костимите на новата претстава – „Сакатиот од Инишман“ во режија на Јане Спасиќ. Портфолиото на Каранфиловска-Угуровска вклучува бројни театарски продукции во дел од најзначајните театри во Скопје. Нејзината посветеност на занаетот е очигледна во деталите, при што секој изработен костим јасно говори за карактерот, приказната и во целост се вклопува во естетскиот израз на целината. Таа е вработена како костимографка во Театар Комедија од 2018 година, а соработува и со независната продукција „Перипетија продакшн“ од Скопје.

Зад вас е особено плодна година. Само во последниот месец имавте 2 премиери – „Ивона, принцезата на Бургунд“ и „Анна“ во Театар Комедија, а утревечер ве очекува и третата – „Сакатиот од Инишман“. Целосно различни доба и периоди за костимографско отсликување. Беше ли предизвик да се работи на трите проекта истовремено?

– Навистина, периодот зад мене беше исклучително интезивен и креативно исцрпувачки, но и возбудлив. Работата на три целосно различни проекти истовремено, е предизвик и привилегија. „Ивона, принцезата на Бургунд и „Анна“ во Театар Комедија и „Сакатиот од Инишман“ во Театар Куманово бараа сосема различен пристап – и концептуално и естетски. Најголемиот проблем ми беше ментално да се префрлам од еден свет во друг, без да го изгубам фокусот, но токму таа динамика ме држеше будна и инспирирана. Дополнителна поддршка и сигурност ми даваа моите Јуле, Бубе и Тасим, без кои ниедна моја скица немаше да се реализира онака како што ја имав замислено и нацртано.

„Ивона, принцезата на Бургунд“ беше особено интересен проект со оглед на тоа дека не. сместен во денешно време, каде најчесто, посебно претставите на Комедија се. Бараше ли оваа претстава поголемо истражување за вас?

– „Ивона, принцезата на Бургунд“ навистина побара подлабоко истражување. Фактот што не ја сместив во јасно дефинирано историско време ми даде слобода, но и одговорност – костимите да не бидат само визуелно впечатливи, туку и концептуално точни. Основата на силуетите е современа и прочистена, но збогатена со деликатни флорални детали – кои на прв поглед делуваат убаво, нежно и префинето – ги користев како свесен контраст на валканата и грда внатрешност на ликовите од дворецот. Токму преку тој судир помеѓу надворешната убавина и внатрешната изопаченост, костимите стануваат дел од драматуршката порака и дополнително го нагласуваат апсурдот и иронијата на делото.

Во „Олд Сејбрук“ имавте друг предизвик. Да создадете костими од одржливи материјали. Што е тоа што ви зададе најмногу мака во реализацијата на оваа идеја? Што беше најголем предизвик да се надмине?

– Процесот на работа на „Олд Сејбрук“ ми е особено драг, затоа што преку него успеав да докажам дека е можно да се изработуваат театарски костими кои нема да и’ наштетат на животната средина, а при тоа да бидат сценски функционални и визуелно силни. Ограничувањата што ги носи одржливоста понекогаш значат откажување од „лесни“ решенија. Работев со текстил од продавници од втора рака, со остатоци од ткаенини, но и со несекојдневни материјали како капачиња, аудио- касети, стари саати, жица и слично. Најголемиот предизвик беше сите тие елементи да се трансформираат во костими што природно ќе се вклопат во сценскиот свет на претставата. За мене тоа не беше само естетски, туку и етички процес, кој ми потврди дека одржливоста и театарот можат успешно да одат заедно.

Ева Скендеровска во сцена од „Ивона, принцезата на Бургунд“

Не секогаш личен костим е згоден за носење и за актерите. Како ги решавате овие ситуации? Може ли да се сетите на некоја ситуација во која сте морале да направите голем компромис во името на практичноста?

– Театарскиот костим мора да живее заедно со актерот. Кога концептот е во судир со практичноста, секогаш се обидувам да најдам решение што нема целосно да ја наруши мојата идеја. Имало ситуации кога сум морала значително да поедноставам одреден костим, поради движењата, брзите пресоблекувања или физичкиот напор на сцената. За мене, компромисот не значи пораз, туку интелигентна адаптација. Редовно сум присутна на пробите, ги следам промените и ги прилагодувам костимите според процесот што живее на сцената. Па, кога сум сигурна во она што го правам и искуството кое го имам – компромис? Компромис правам само во големината и дебелината на штиклата!

Актерот Марко Трајковиќ во „Сакатиот од Инишман“

Што е, според вас, добар театарски костим?

– Добриoт театарски костим е оној што не постои сам за себе. Тој е во служба на ликот, актерот и целата претстава. Па така, одговорноста на костимографот е голема, бидејќи преку него се открива карактерот на ликот, состојбата, пораката и слојот на кој му припаѓа. Може да биде суптилен или силно нагласен, но секогаш мора да комуницира со драматургијата и сценографијата. Кога публиката го чувствува ликот, а не „костимот“, тогаш знам дека сум ја завршила работата како што треба.

Реквизит од претставата „Олд Сејвик“

На што сте фокусирана периодов, што ве очекува следно?

– Во овој период чувствувам потреба малку да забавам и да си посветам време на себе. По интензивен работен циклус, деновите ги поминувам со моите најблиски, ги готвам омилените јадења, правам колачи, гледам филмови и ги полнам батериите за нови предизвици. Инспирацијата сега ја барам надвор од мојата љубов – театарот, во тишината, во природата и најчесто на некоја планина. Верувам дека токму тие паузи се неопходни за да се вратам со свежа енергија, нови идеи и уште поголема љубов кон тоа што го работам.

Сподели