Учествувајте на конкурсот за краток расказ „Бибер“, посветен на студентите во Србија

Центарот за ненасилна акција Сараево-Белград го распиша седмиот конкурс за краток расказ „Бибер“, на кој може да учествуваат и автори што пишуваат на македонски, албански, босански, црногорски, хрватски или српски јазик. Овој конкурс е посветен на студентите во Србија, кои во изминатата година ни одржаа безброј лекции за ненасилна борба, солидарност, заедништво, поддршка, љубов, волја, храброст, емпатија, помирување, почитување и други важни општествени вредности.

– Длабоко го цениме она што студентите го направија и започнаа, па затоа овој конкурс отвора простор и за раскази за нив и нивната борба за правда, слобода и еднаквост. Не се откажуваме од традиционалните теми на конкурсот „Бибер“: покрај раскази кои го тематизираат помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите – велат организаторите.

Конкурсот е отворен до 24 мај 2026 година, а одлуката на жирито ќе биде објавена кон средината на ноември.

Изборот на пристигнатите раскази ќе го направи жирито во состав: Данијела Репман, Лејла Каламујиќ и Жељко Белиниќ. Најмалку дваесет избрани трудови ќе бидат објавени во повеќејазична збирка.

Наградите се парични (бруто износ): прва награда (1.100 евра), втора награда (850 евра) и трета награда (600 евра).

 

Сподели