Промоција на монографијата „Професорот Петре Т. Георгиевски: Социологијата како професија и како вокација“

Во мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ во Скопје вечерва во 18 часот ќе се одржи промоција на монографијата „Професорот Петре Т. Георгиевски: Социологијата како професија и како вокација“, објавена по повод 85 години живот и 60 години научно-истражувачка работа на истакнатиот професор. Издавач е „Матица македонска“, а автори на монографијата се научните работници Златко Жоглев и Ружица Цацаноска.

Промотори на изданието ќе бидат: д-р Драгољуб Б. Ѓорѓевиќ, професор во пензија на Универзитетот во Ниш, д-р Петар Атанасов, директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при УКИМ и д-р Драган Тодоровиќ, редовен професор на Универзитетот во Ниш.

Монографијата содржи детални информации за Георгиевски како пионер и еден од најзначајните претставници на македонската социологија, детална анализа на некои од позначајните негови трудови подготвена од Жоглев и Цацаноска, искази од колешките и колегите на Георгиевски од Балканот и од Европа, како и голем број прилози.

– Да се пишува монографија за личност која не е само професор, туку и човек што оставил трага врз нашиот развоен пат, и академски и човечки, претставува чест, но и одговорност. Професорот Георгиевски не беше само ризница на знаење, туку и личност која умееше да слуша, да постави вистинско прашање во вистински момент, и да инспирира без наметнување. Има нешто исклучително во неговиот начин на предавање, размислување, дискусија – тивка страст, постојана љубопитност и почит кон секој студент, без разлика на нивната почетна позиција – пишуваат меѓу другото, Жоглев и Цацаноска во предговорот на монографијата.

Сподели