Пишува: Сузана Стефанова, директор на ООМУ „Васо Карајанов” – Гевгелија
Во светот на уметноста, и покрај развиените музички центри, малите и големите населени места, како нашата Гевгелија, носат уникатна потреба за изразување и креативност. Тука, во срцето на регионот, се одразува како централизираната балетска уметност, така и локалните традиции, создавајќи еден богат и разнолик културен пејзаж. Културно-уметничкиот живот и образование се неопходни за да се одржи општото ниво на уметноста во државата. Благодарение на посветеноста и ентузијазмот на нашите уметници и педагози, Гевгелија успеа да изгради значаен културно-образовен центар во изминатите неколку децении.

Од 90-тите години на ХХ век, балетското образование во Гевгелија добива професионален карактер со отворањето на балетскиот оддел во ООМУ „Васо Карајанов”. Темелите на оваа уметност ги поставија тогашниот директор на училиштето г-дин Ѓорѓе Улишев и балетскиот педагог г-ѓа Јасна Ризова, чие визионерство и страст продолжуваат да инспирираат генерации. Благодарение на стручноста и големиот ентузијазам, поддршката од страна на општината и државата, балетскиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов”- Гевгелија работи веќе полни три децении.
Општина Гевгелија треба да биде горда бидејќи ја има таа привилегија што е една меѓу трите општини во државата покрај Скопје и Кавадарци, која во рамките на музичко училиште го нуди и изучувањето на основното балетско образование.
Во изминативе 30 години, над 350 ученици го започнале основното балетско образование во нашето училиште. Некои од нив го продолжиле своето средно балетско образование во Скопје со намера балетот да им стане животна професија. Меѓу првите од нив се ученичките Ивана Иванова и Виолета Петкова. Денес, и двете нижат успеси со својата педагошка дејност а за нашето училиште посебно ја истакнуваме дејноста на професор Виолета Петкова сега Чокова која работи како наставник по балет од 2011 година. Исто така, од поновата генерација ги издвојуваме и нашите балетски уметници Виолета Карајанова и Тодор Стојанов кои денес блескаат на големата сцена на Македонската опера и балет како членови на балетскиот ансамбл, сведочејќи за објективот на соништата и трудот.
Традицијата на успешни настапи, успешни натпревари, и зголемен број на запишани ученици од година во година, потврдуваат континуитет и квалитет во балетската настава. При усовршувањето на заемноста помеѓу танцот и музиката, покрај балетскиот педагог, голема улога има и музичкиот соработник односно балетскиот корепетитор.
Од самите почетоци во балетската настава, како прв балетски корепетитор се вработува Александар Стојанов кој почетоците на музичкото образование ги остварува токму во нашето училиште. Подоцна, од 2002 година, улогата да ги приспособи своите умеења кон потребите за изведбата на балетските вежби и припаѓа на професор Соња Јованова која заедно со професор Виолета Чокова успешно го водат балетскиот оддел.

Денес во нашето училиште балетот го изучуваат вкупно 52 ученика во рамките на шестгодишното балетско образование и тоа не само од нашата општина туку и од околните општини како што се Богданци и Дојран. Сите тие со неверојатен елан и посветеност се подготвуваат за вечерашниот настап.
За одбележувањето на нашиот јубилеј неслучајно се одбрани балетски кореографии од „Лебедово езеро”. Имено, оваа година се навршуваат и 150 години од создавањето на ова ремек дело во балетската уметност напишано од композиторот П.И. Чајковски.
Настанот со кој ги одбележуваме двата јубилеја денес, е дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија – Град на култура за 2025 година” и сакам да упатам голема благодарност до општина Гевгелија за нивната поддршка.





