Публиката на нозе со Националниот џез оркестар, Рамбо, Рундек и Стефановски

Македонските џезери, по не знам кој пат, покажаа дека издигнувајќи го Биг бендот на ЗЏМ во Национален џез оркестар беше една од најправилните одлуки во културата во изминатите десетина години. Во рекордно време беше продаден концертот „Рокенрол во џезот“ (Rock’n’Roll in Jazz) на кој завчеравечер во Скопје настапија балканските рок-легенди Рамбо Амадеус, Дарко Рундек и Влатко Стефановски. Фантастично звучеа добро познатите хитови со аранжманите за Биг бенд оркестар. Џијан Емин во неговиот препознатлив, весел стил, сигурно ги водеше настапите на гостите со оркестарот низ многуте миговни импровизации кои придонеасоа за единственото искуство на публиката во преполната сала на Филхармонијата.

Биг бендот веќе има одржано поединечни целовечерни концерти во Скопје со Рамбо Амадеус и со Рундек. Атмосферата овојпат беше малку поинаква, можеби затоа што секој од трите легенди настапија со помалку композиции, но интензитетот на доживувањето не беше помал. Напротив.

Со Антоније Пушиќ (Рамбо Амадеус) настапија и басистот Дарко Мучев и перкусионистот Гоце Стевковски, актуелен директор на НЏО. Овој состав со останатиот дел од оркестарот имаа одлични настапи лани во Сараево и на турнеја низ Хрватска. На „Е мој Рамбо“ посебен шмек на концертот му даде сопранот Билјана Јосифов, а публиката зовре на „Хари инвалид Хари“. На знакот дека тоа е последна песна, Рамбо во неговиот познат стил прокоментира:

– Зарем толку беше?

Местата на Мучев и Стевковски ги заменија Кирил Туфекџиевски и Виктор Филиповски, за настапот на Рундек со кого настапија и неговите придружни вокали Маја Ривиќ и Игор Павлица.

Почна со „Би мого да могу“, па продолжи со „Шејн“ и „Ена“. Публиката беше на нозе на „Апокалипто“, а заврши со „Руке“. Аранжманите за Биг бенд оркестар на децениските ју-рок хитови на „Хаустор“ и Рундек даваат еден посмирен, но толку полн звук што ги доживувате како сосема нови композиции.

Влатко Стефановски ја поздрави публиката со „Мамурни људи“, „Скопје“, а брилираше со „Бистра вода“. Ова беше поинакво доживување од неговите стандардни настапи, најчесто во трио. Биг бендот му даде таква позадина и хармонија, како секогаш да настапувале заедно. На бис ја изведе „Као какао“ кога публиката веќе беше на нозе.

Не може да се одминат соло настапите на пијанистот Гордан Спасовски, саксофонистот Игор Иванов, Кирил Кузманов на флејта, Сенад Усеин и на целиот оркестар кој дишеше во ритам со гостите. Имаме светски бенд и треба да сме горди на нив. (В.И.И.)

Фото: Маја Аргакијева

Сподели