Изложба на дела од двајца трагачи по светлината во КИЦ

„Дисциплина на светлината“ е насловот на впечатливата изложба на двајца професори од Академијата за уметност од Нови Сад, двајца трагачи по светлината, што ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот, во Културно-информативниот центар во Скопје. Јелена Ковачевиќ-Воргучин и Предраг Узелац преку своите дела отвораат расправа за природата на трагите што ние луѓето ги оставаме.

– Узелац ги фаќа лицата на секојдневието во сребро, во материја што тврдоглаво памти, како да го штити она што светот лесно би го заборавил без аплауз – лицата на привидно обични луѓе со скриени подвизи, водени од сопствена етика, скромно, претставувајќи контрапункт на јавното мислење и наметнатите, непроверени вредности на современото општество. Јелена, напротив, ги прилепува сликите за тревата, во ткиво што ја прима светлината како космичка храна, каде хлорофилот го чува споменот на мајката онолку долго колку што природата му дозволува да ја предизвикува судбината на сеќавањето. Во нивниот диптих се среќаваат две вистини: потребата и немоќта животите да се сочуваат од заборав … Среброто и тревата, постојаноста и исчезнувањето, човекот и сеќавањето, сè се среќава во вечното прашање: што од светлината останува, а што се враќа во нејзината тишина – велат од „Зрно фестивал“ кои годинашните активности ги завршуваат со оваа изложба.

Јелена Ковачевиќ-Воргучин е визуелна уметница и фотографка, дипломирала во Средното училиште за дизајн „Богдан Шупут“ во Нови Сад во 1993 година, на насока графички дизајн. Истата година се запишува на Академијата за уметности во Нови Сад, на насока сликарство со технологија во класата на проф. Јован Ракиджиќ. Основните академски студии ги завршила во 1998 година и го стекнала звањето дипломиран сликар – професор по ликовна култура. Магистрирала на Факултетот за применети уметности во Белград во 2003 година, кај проф. Бранимир Карановиќ, на насока фотографија, и го стекнала звањето магистер по уметности од областа на фотографијата. Докторските студии по ликовни уметности на Академијата за уметности во Нови Сад ги запишала во 2016 година. Во март 2023 година ја претставила својата докторска изложба како дел од јавната презентација на докторскиот уметнички проект под наслов „Поетика на времето: (авто)биографија на семејството“. Своите дела ги изложила на дваесет самостојни изложби во земјата и на повеќе групни изложби во земјата и во странство.

Предраг Узелац дипломирал на Академијата на уметности, на отсекот за ликовни уметности, насока фотографија во родниот Нови Сад, каде што денес ги посетува докторските академски студии по ликовни уметности. Од 1997 година изложува на бројни колективни и самостојни изложби во Белорусија, Југославија, Мексико, Франција, Хонгконг, Германија, Јапонија, Словачка и Србија. Во својата уметничка пракса поминува низ различни пристапи и жанрови, како што се документарна, режирана, пејзажна и портретна фотографија. Професионално, меѓу другото, работи како уредник на фотографија и фотограф во повеќе публикации на „Галеријата на Матица српска“. Во повеќе наврати бил член на жирито за престижни фотографски награди како: „World Student Biennale of Photography“, „PDP Creative Media Conference“, „Press Photo Србија“ и други. Во последниот период истражува и работи на полето на старите благородни фотографски процеси (wet plate, silver print, cyanotype, класична црно-бела фотографија …). Учесник и организатор е на бројни фотографски работилници.

Сподели