Љутков: Македонија има потенцијал да биде уникатна туристичка дестинација

Нашето културно наследство не е само трага од минатото, туку жива меморија што продолжува да пулсира во сегашноста. Археолошките слоеви, духовната традиција, занаетчиското знаење и современата уметничка енергија го создаваат единствениот симболички капитал на Македонија, вредност што не може да се реплицира или увезе, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков во интервју за МИА.

Според него, тука лежи потенцијалот земјава да стане дестинација која не се посетува само со очи, туку и со ум.

– Македонија да стане простор каде што историјата не се покажува, туку се доживува; каде што наследството не се чува под стакло, туку се преведува на современ јазик преку дигитални алатки, нови наративи и современи уметнички практики – вели Љутков.

Според него, одржливоста на туризмот не е само економски параметар, туку прашање на создавање длабинско, автентично искуство. Туристот кој останува два-три дена не е само потрошувач, туку учесник во локалниот културен екосистем.

– Развиваме пакети за 48 и 72 часа кои нудат автентично и современо искуство. Ова е обид да се создаде ритам кој му дозволува на посетителот да ја почувствува земјата низ археологија, музеите, гастрономијата, уметнички настани и непосредни средби со локалната култура – вели Љутков.

Тој додава дека гастрономските искуства се продолжение на културната мапа. Потребно е македонскиот бренд да биде видлив по сите патишта и туристички топоними – од Стоби до винариите во Неготино, Кавадарци, Велес, Градско, Демир Капија, а промотивните табли да ја истакнуваат Македонија уште пред границата со Србија.

– Ја модернизираме презентацијата на археологијата: Стоби, Хераклеја, Скупи, Марвинци не треба да бидат само археолошки локалитети, туку места што зборуваат. Со дигитални водичи, реконструкции, визуелни инсталации и современи наративи, секој турист ќе може да ја разбере и да ја почувствува приказната на тие простори. Ја интегрираме традицијата во секојдневното искуство. Македонија има живи занаети, живи песни, живи обичаи. Тоа не е музеј, туку реалност. Целта е да ги поврземе овие традиции со туризмот: работилници, интерактивни програми, културни ритуали, гастрономски искуства што раскажуваат историја. Ја ставаме современата култура како мост. Театарот, балетот, музиката, уметноста ја покажува Македонија како земја што не живее во минатото, туку го носи како сила за иднината – вели Љутков.

Еден од поголемите претстојни проекти е ЕКСПО 2027 во Белград. Љутков смета дека големи меѓународни манифестации имаат смисла само ако државата се претстави преку искуство, не преку предмети.
– Македонија мора да се покаже преку чувството што го буди. ЕКСПО 2027 е можност земјата да се претстави како културна идеја, а не како статистичка појава – вели тој.

До 2028 година Македонија треба да прерасне во земја која ќе ја удвои туристичката вредност туку преку квалитет на искуството.
– Тоа е визија што не можам да ја остварам сам. Но, можам да ја водам – вели Љутков.

Насловна фотографија: Архива

Сподели