„Како до здрави навики“ – водич со едноставни и практични совети за подобар живот

Водичот „Како до здрави навики“ ќе биде промовиран пред учесниците на меѓународниот Симпозиум на млади лекари што денеска и утре се одржува во Скопје. Собирот е првенствено наменет за едукација и вмрежување на младите лекари од земјава, а ќе учествуваат повеќе од 150 лекари од земјава и реномирани гости од странство. Тие ќе ги споделат најновите искуства, сознанија и техники во различни медицински области, ќе отворат и дијалог за најчестите незаразни болести кои влијаат врз квалитетот на здравјето на граѓаните.

Водичот е изработен од специјалисти и специјализанти од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), Никола Манев, Александра Георгиева, Симона Сапунџија, Наташа Петровска и фитнес тренерот Марио Јовановски. Тие истакнуваат дека генералната опасност по здравјето на нашите граѓани доаѓа од растечката пандемија на дебелина, особено кај младата и тинејџерската популација, нискиот интерес за редовна физичка активност и од злоупотребата на алкохол и пушењето.

– Водичот содржи едноставни и практични совети кои се лесно применливи во секојдневниот живот. Тие мали промени во животниот стил и секојдневните избори директно влијаат врз подобрување на општото здравје и превенирање на многу болести. Ова е водич низ мали, но значајни промени во исхраната, движењето и грижата за менталното здравје, сознанија до кои сме дошле како лекари во повеќегодишната пракса, искуствата од поискусните колеги, но и научните докази на светско ниво – вели Манев.

Балансирана исхрана, безбедно и ефективно вежбање, управување со стресот, редовна контрола на крвниот притисок и шеќерот, примена на стратегии за откажување од пушење, се дел од советите на лекарите за избегнување на нездравите навики и подобрување на општото здравје. Водичот содржи практични совети кои се лесно применливи во секојдневниот живот, а достапен на македонски, албански и на англиски јазик, за да допре до поширока публика. Водичот е дел од проектот „Стоп за лоши навики“ што го спроведува ЗЛС, а чија главна цел е да влијае врз промена на свеста на граѓаните за значењето на примарната превенција за нивното здравје и да ги охрабри да ги сменат животните навики на индивидуално, но и на колективно ниво како нација.

Сподели