Никола Стиков ќе ја претстави научната платформа Evidence во Абу Даби

На собирот ќе биде промовирана и новата Evidence федерација помеѓу Канада, Обединетите Арапски Емирати, Јапонија и Македонија

Македонија е една од четирите земји во светот вклучена во новата Evidence федерација која денеска ќе биде претставена на Универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби. Зад идејата стои д-р Никола Стиков, професор на Институтот за биомедицинско инженерство при Политехничкиот универзитет на Монтреал, Канада. Тој најавува ѕвездени научници кои ќе бидат пленарни говорници и пристигнаа во Абу Даби за денешниот настан.

– Денеска во Абу Даби ќе ја претставиме новата платформа Evidence и концептот на поврзани („wired“) научни трудови. Настанот ќе се одржи на прекрасниот кампус на Универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби каде што ќе ја промовираме новата Evidence федерација помеѓу Канада, Емирати, Јапонија и Македонија – вели Стиков.

Како дојдовте до идејата да се формира една ваква платформа, која е нејзината основна намена и цел?

– Идејата произлезе од потребата научните трудови да станат полесни за користење, проверување и надградување. Основната цел е секој труд да биде репродуцибилен, отворен и поврзан со податоците и кодот што го поддржуваат.

Проф. д-р Никола Стиков

Платформата е формирана од четири универзитети, еден од нив е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Каква придобивка е ова за македонските научници од областа на природните науки и можноста за соработка?

– Вклучувањето на УКИМ значи дека македонските истражувачи добиваат директен пристап до меѓународна инфраструктура за современо, репродуцибилно публикување. Ова отвора можности за видливост, заеднички проекти и вмрежување со партнерските институции.

Интересно е што на Evidence користите и вештачка интелигенција за да можат трудовите да комуницираат меѓу себе. Објаснете ни малку повеќе за ова. Што очекувате од оваа интеракција?

– Evidence користи вештачка интелигенција за автоматска обработка и модификација на фигури и за создавање врски помеѓу трудовите.

Трудовите комуницираат така што платформата препознава заеднички податоци, код или методи и ги поврзува во мрежа на знаење. Очекувам ова да овозможи побрзо откривање, подобра интеграција на резултати и појасна научна слика.

На настанот тројца реномирани научници ќе одржат предавања. Што ќе биде во фокусот на нивното излагање?

– Џон Иоанидис е еден од најцитираните истражувачи во светот познат по критичката анализа на научната методологија, а исто така и главен автор на рангирањето на најцитирани научници во светот на „Стенфорд“. Алан Еванс е водечки експерт за мозочни мрежи и невроинформатика, а Цезар Хидалго е пионер во користењето податоци за анализа на сложени социјални и економски системи. Тројцата научници ќе зборуваат за различни аспекти на репродуцибилната наука и за тоа како новите технологии ја менуваат научната комуникација. Фокусот ќе биде на практични примери, нови модели на публикување и иднината на истражувањето во услови на брз технолошки развој.

Сподели