Влад Илиќ (Владислав Илиќ) ја освои титулата „Британски комичар на годината“. Македонскиот комичар триумфираше на финалето што се одржа завчеравечер во The Comedy Store во Лондон. За разлика од повеќето натпревари за стендап, натпреварот Британски комичар на годината – кој организаторите го опишуваат како „ФА Куп на комедијата“ – е отворен за комичари од сите нивоа. Познат е по тоа што има една од најголемите награди во комедијата, со £10.001 – фунта повеќе од главната награда на Edinburgh Comedy Awards – што му припадна на победникот.
Илиќ ја доби својата награда од водителот Пол Ревил, по објавувањето на резултатите од гласањето на публиката.
Стотици комичари се пријавија за учество во натпреварот оваа година, со речиси 30 регионални претселекции и полуфиналиња кои ја сведоа листата на финалисти.
Том Вард беше прогласен за второпласиран, а Џои Пејџ за трет. Во финалето исто така настапија Мери Бурк, Тал Дејвис, Харит Даер, Мајкл Фабри, Стивен Овен и Мајк Рид.
Влад Илиќ е роден во Куманово. Од 2017 година живее во Лондон, каде почнал посериозно да работи како стендап-комичар. Пред да ја освои првата награда тој настапувал и по четири пати неделно во англиските клубови. Досега има освои повеќе важни награди за стендап во Англија.





